Новиот Peugeot 2008 ќе биде поголем, полесен и попривлечен
Францускиот Peugeot новата генерација на малиот SUV ја подготвува за следната година, а таа би требало значително да се разликува од сегашната
Новиот Peugeot 2008 ќе биде изграден на CMP (Compact Modular Platform) платформата на групата PSA која е дизајнирана исклучиво за мали автомобили.
Првиот модел на оваа платформа најверојатно ќе биде новиот Peugeot 208, кој е најавен за салонот за автомобили во Женева во март 2019 година, околу половина година пред лансирањето на новиот 2008.
Покрај промената на платформата, новата генерација во моделот 2008 треба да биде подолга споредбено со сегашниот модел, но, исто така, и околу 40 килограми полесна.
Што се однесува до моторите, понудата ќе вклучува 1.2-литарски PureTech бензинец во опсег од 85 до 130 КС и 1.5-литарски BlueHDi дизел.
Основната верзија на новата 2008-ца ќе доаѓа со рачен менувач со шест степени на пренос, додека поскапите варијанти ќе имаат автоматик со осум степени на пренос.
Во средината на циклусот на новата генерација на 2008, Peugeot планира и хибридна верзија, но исто така и целосно електричен погон со кој ќе може да се помине 450 километри.
И покрај големите механички промени, многу се очекува и од дизајнот кој треба да привлече нови клиенти. Peugeot целосно ќе ја промени внатрешноста и надворешноста на својот мал SUV со цел да биде атрактивен како и поголемите „браќа“ – 3008 и 5008. Новиот Peugeot 2008 година ќе добие нова предна маска на ладилникот која ќе се „спојува“ со вертикално поставените LED дневни светла, а ќе го добие и најновиот i-Cockpit контролен панел и врвни материјали кои ќе го направат новиот модел значително понапреден споредбено со сегашната генерација.