Бесплатна енергија или глупава идеја?!

Во светот на автомобилската индустрија денес има навистина многу патенти. Како пример, овој кој е заштитен од страна на Toyota Engineering & Manufacturing North America (TEMA), може да се карактеризира како навистина „егзотичен“. Имено, системот овозможува патниците да генерираат дополнителна енергија со помош на педали што на некој начин изгледа како модерна верзија на „автомобилот“ на Фред од Каменковци (The Flintstones).

Како фунционира? Повикувате автономен електричен автомобил преку апликација на вашиот мобилен телефон, а по неговото пристигнување, удобно се сместувате и ги ставате нозете на педали. Ако сте расположени за малку рекреација, на овој начин можете да ги полните батериите на возилото. Целта е, секако, да се зголеми автономијата на автомобилот.

Секако, се поставува прашање, со што би биле мотивирани да вртите на „педали“ без посебна причина? Идејата е дека на тој начин паричниот надоместок за превозот, во зависност од произведената енергија, ќе се намали. Ова е само доказ за „теоријата“ дека парите го движат светот.

Е сега. И покрај тоа што придобивките од овој систем постојат, а и мотивација за луѓето да ги вртат педалите, сепак, останува прашањето, дали ова е навистина добра идеја?

Прво, количината на енергија што просечно лице може да ја произведе е мала. Едно е да се управува со велосипед или педалинка, а сосема друго е да се произведува струја за потребите на автомобилите.

Втора работа е паричниот надоместок. Ако, на пример, просечната цена на електричната енергија е 12 центи за киловат час. Во текот на 30-минути возење, човек може да генерира 0,3 kWh. Тоа значи дека „произвел“ 4 центи. Тука, мотивацијата за вртење се чини завршува.