Новиот Fiat 500e на повидок, а доаѓаат и хибридни верзии на 500Х и 500L
Новата генерација на 500e e на пат, а на пат е и караванска верзија која ќе го обнови името Giardiniera
На презентацијата на новиот петгодишен план за автомобилските марки во составот на групата FCA, италијанскиот гигант немаше презентација како за за Alfa Romeo, Maserati, Jeep и RAM, но сепак Серџо Маркионе најави некои модели кои ќе добијат електрификациски третман. Новата генерација на 500e e на пат, а на пат е и караванска верзија која ќе го обнови името Giardiniera.
Новите 500e и Giaridiniera ќе го користат новиот електричен погон на FCA, кој ќе биде специјално дизајниран за мали градски автомобили, но засега за него од компанијата нема никакви прецизни спецификации. Караванската верзија најверојатно ќе има пет врати, за разлика од „оригиналот“ со три врати, а ќе го има и најпространиот кабински простор во својата класа, вели Серџо Маркионе. Fiat, исто така, ќе ги електрифицира и 500X и 500L, додавајќи хибридни верзии. Првиот човек на FCA не ги откри спецификациите за новите модели и не ги спомена датумите на премиерите.
Иднината на Fiat во САД засега е нејасна, бидејќи изјавите на Маркионе беа врзани исклучиво за европскиот пазар. Гласините велат дека италијанскиот бренд може целосно да се повлече од Америка.
Постоечкиот 500e беше претставен во 2013 година. Се напојува со електричен мотор со 111 КС и 200 Nm, а за енергијата е задолжена литиум-јонска батерија од 24 kWh, која обезбедува автономија од 135 километри во комбиниран режим на возење.