Британската асоцијација за паркирање предупредува на опасност од колапс, особено на постарите паркинзи во Велика Британија

Во Македонија релативно доцна почнавме да градиме катни гаражи за паркирање, па веројатно се градени по различни стандарди, со посовремени материјали, спремни да издржат и поголем товар. Или само може да се надеваме дека е така. Но, во големи делови од Европа и светот, се појавува нов тип на проблем.

Имено, поради електричните автомобили, но и теренците опремени со бензински и дизел мотори, или хибридни системи, автомобилите имаат многу поголема маса. Во Велика Британија моментално има околу 6.000 катни паркинзи. Повеќето од нив се изградени според упатствата засновани на тежината на популарните автомобили од 70-тите години. Најпопуларниот модел на автомобил во Велика Британија во тоа време бил Ford Cortina Mk3 со тежина од 960 килограми. Денес, Tesla Model 3 (1.819 kg) тежи речиси двојно повеќе. Новиот Volkswagen Golf лесно може да тежи 1.400 килограми. Сè повеќе луѓе се одлучуваат за големи, тешки теренци. Значи грижата на здружението не е само во однос на електричните автомобили.

Градежниот инженер Крис Веплс од Британската асоцијација за паркирање (BPA) се прашува колку долго ќе биде одржлива ваквата состојба на работите.

„Кога ќе ја видите просечната тежина на електричните автомобили, почнувате да се прашувате дали постоечките стандарди се доволни. Сè уште не сме имале инцидент, но се сомневам дека е само прашање на време. Ги охрабруваме сопствениците на постари паркинзи да проверат колкав лимит имаат“.