Audi во Германија е казнет со 800 милиони евра поради кршење на законите за V6 и V8 дизел моторите кои не беа во согласност со регулативите за заштита на животната средина

Брендот од Инголштат веќе ја прифати казната и нема да поднесе жалба. На овој начин, практично е прифатена одговорноста за свесно сторените неправилности. Од Audi само соопштија дека казната ќе има негативно влијание врз годишната добивка.

„Имајќи ги предвид овие специјални ставки, Audi групата значително ќе ја намали прогнозата во однос на клучните финансиски индикатори, прогнозирани за фискалната 2018 година“, се вели во соопштението.

Матичната група VW, исто така, предупреди дека оваа афера ќе има негативно влијание врз заработувачката.

Аналитичката фирма, Evercore ISI објави дека казната ја гледа како нешто со што компаниите можат да се справат и ја етикетира како „позитивна“, затоа што така се отстранува уште една непознаница по избувнувањето на дизел скандалот. Сепак, се нагласува дека VW сè уште се соочува со акционерскиот случај во вредност од 8,2 милијарди евра, кој може да потрае со години.

Во истражувањето, по објавувањето на казната за Audi, од Evercore сметаат дека пазарите „на Audi ќе му прогледаат низ прсти и казната ќе ја доживеат како позитивна работа“.

Претходно овој месец, Volkswagen го раскина договорот со шефот на Audi, Руперт Штадлер, кој се уште е во притвор и под истрага за наводна вмешаност во измама и отстранување на докази за скандалот Dieselgate. Раководителот на продажба, Брам Шот, во моментов е извршен директор на брендот.