Електричните возила стануваат поевтини како што одминува времето, а трошоците за сервис за првите 36 месеци во просек изнесуваат 514 долари во споредба со 749 долари за бензинците

Клучното прашање за сопствениците на (нови) возила е дали е поскапо да се одржува електричен автомобил или бензинец, на пример. Новите податоци откриваат дека одржувањето на електрично возило во текот на првата година од сопственоста е поскапо од бензинско возило, но на долг рок, просечните трошоци за сервисирање се многу помали. Податоците објавени од We Predict покажуваат дека сопствениците на електрични возила во САД трошат просечно 123 долари за сервисни трошоци во првите три месеци од сопственоста и 306 долари во првата година. За споредба, сопственик на ново возило со мотор со внатрешно согорување обично троши 53 и 189 долари, соодветно.

Сепак, електричните возила стануваат поевтини како што одминува времето, а трошоците за сервисирање во првите 36 месеци во просек изнесуваат 514 долари во споредба со 749 долари за бензинците.

Студијата на компанијата за обработка на податоци опфатила повеќе од 13 милиони возила и 400 модели, а резултатите се засновани на 65 милиони нарачки за сервисирање и поправка во вредност од над 7,7 милијарди долари за делови и 9,5 милијарди долари за трошоци за работна сила. Пресметките вклучиле и одржување, непланирани поправки, гаранција и отповикување, дијагностика, ажурирања на софтверот, фабрички инсталирани опции и сервисни кампањи.

Просечниот трошок за работа на EV може да биде два или три пати поголем од работењето на бензинец затоа што е потребно повеќе време за да се открие во што е проблемот, а потоа е подолго време за негово решавање. Кога техничарите на производителот ќе сфатат за што се работи, цените паѓаат.