Нова криза во автомобилската индустрија: Сега нема доволно возачи на камиони за испорака на автомобили!
Stellantis и Renault бараат возачи на камиони од своите работници за да се стави крај на проблемот со испораката на возила
Концернот Stellantis (Peugeot, Fiat, Jeep, Alfa Romeo…) испратил електронска пошта до своите вработени и поставил постери во некои од своите фабрики обидувајќи се да ги убеди работниците да седнат зад воланот на камиони за испорака. Околу 140 вработени веќе се пријавиле, објави компанијата. Stellantis на работниците кои се одлучиле за промена им ги плаќа обуката и таксите потребни за да ги добијат потребните возачки дозволи, а размислува и да купи свои камиони за да се справи со логистичките потешкотии, објави Bloomberg. Потсетување дека недостигот на возачи на камиони остави илјадници автомобили заглавени во фабриката на Stellantis во Сошо, Франција, кон крајот на минатата година, принудувајќи ја компанијата да паркира многу од нив на напуштен аеродром на неколку километри од фабриката.
Во меѓувреме, истото се обидува да го направи и конкурентскиот Renault, кој започнал процес на обука на дел од своите вработени во компанијата Adecco Group. Renault, исто така, ги потенцираше проблемите со излезната логистика кога минатиот месец ги објави резултатите за целата година. Треба да се додаде дека со овој проблем е засегнат и Volkswagen, поради што најголемиот европски производител на автомобили не е во можност да им испорача готови возила на клиентите. Многу европски возачи на камиони доааѓаа од Украина и се недостапни од почетокот на војната, што ги надополни логистичките проблеми што започнаа со пандемијата COVID-19 и продолжија со недостигот на чипови. Сето ова го забави производството или, во овој последен случај, испораката на возила до клиентите.