Одлична вест за романскиот бренд

На вчерашната прес-конференција, шефот на групацијата Renault, Лука де Мео, објави дека Dacia и Lada заедно ќе формираат нова организациска единица во таа компанија, а беа претставени и првите фотографии од претстојниот голем теренец на романскиот производител.

Лука де Мео потврди дека и двата нискобуџетни брендови ќе користат само една платформа CMF-B, која ја користи и сегашната генерација на Clio, што значи комплетно модерна архитектура која дава различни можности поврзани со електрификацијата.

Така, новитетот на Dacia, иако номинално е од сегментот Ц, ќе биде ставен на проширена верзија на платформата, која првично беше планирана само за Б сегментот. Новиот романски теренец е наречен Bigster, иако сè уште не е јасно дали ова име ќе се користи и за сериската верзија. Долг е 4,6 метри, или 12 см подолг од Renault Cadjar.

Информации за техничките спецификации во врска со Bigster нема, ниту пак е познато кога ќе се одржи премиерата. Јасно е дека оваа информација е зачувана за подоцна, но можеме да претпоставиме дека овој модел ќе користи некаква форма на хибриден погонски систем, најверојатно класичен хибрид, бидејќи се чини дека е повеќе во согласност со нискобуџетната филозофија на Dacia.

Што се однесува до изгледот, треба да се има во предвид дека ова е концепт и дека сериското возило сигурно нема да изгледа вака. Линиите се пренагласени и сето ова ќе биде значително „помирно“ кога станува збор за производствениот модел. Сепак, не може да се каже дека изгледот е секојдневен и евидентно е дека Dacia сака да влезе во нова ера со Bigster. На крајот на краиштата, најавена е промена на логото на романската марка, според принципот ново лого за нова ера.