Одлуката на Nissan да се откаже од продажбата на дизел автомобили во Европа, каде има евидентен пад на побарувачката за овој тип на погон поради најавените големи даноци и забрани, очигледно е пример кој ќе го следат и други производители

Nissan на почетокот од оваа недела најави дека ќе ги исфрли дизел агрегатите од патничката програма за европските модели, а фокусот ќе се префрли на електрификацијата.

Toyota уште во март објави дека ќе ја укине продажбата на дизел автомобили во Европа до крајот на оваа година. На овој тип на погон се однесува само 10 отсто од продажбата на јапонскиот бренд на Стариот континент. Дизел понудата ќе продолжи да биде присутна во моделите како што се SUV моделот Land Cruiser, камионетот Hilux и лесното комерцијално возило Proace.

Се чини дека и другите јапонски производители би можеле да го следат примерот на Nissan и Toyota, бидејќи европскиот регион се соочува со се поостри стандарди за емисија по познатиот скандал Dieselgate.

„Јапонците се посебно ориентирани на промените, бидејќи тие уште од почетокот беа поскептични од другите во врска со дизел технологијата, а во исто време не се толку компетентни во таа област“, вели Штефан Брасел, директор на автомобилскиот сектор при Универзитетот за применети науки во Бергиш Гладбах во Германија. Според него, Honda и Mazda ќе тргнат по истиот пат и ќе се откажат од дизелот.

Минатата година европската побарувачка за дизели забележа пад од 7,9 отсто на 6,77 возила, што резултираше со пазарно учество од 43,8 отсто. Тоа е многу помалку од врвот во 2011 година или 54,9 отсто. Продажбата на дизел моделите ќе продолжи да опаѓа, велат аналитичарите, а производителите ќе бидат принудени да ја бранат технологијата или да се откажат од неа.

Портпаролката на Nissan изјави дека ќе има постепено повлекување на дизел автомобилите од Европа.

„Заедно со другите производители и индустриски институции, можеме да посведочиме на прогресивно намалување на дизелите, но не очекуваме крај на краток рок“, вели таа. „Во овој момент, за многу купувачи, дизел моторите се сеуште интересни, па остануваат во актуелната понуда на Nissan. Во Европа, каде што е сконцентрирана продажбата на нашите дизел модели, нашите стремежи кон електрификацијата ќе ни овозможат постепено укинување на дизел моторите од патничките автомобили, како што ќе се појавуваат нови модели“.

Неименуван извор за агенцијата Reuters минатиот месец изјави дека Nissan ќе укине стотици работни места во фабрика во Сандерленд, која е најголемата фабрика за автомобили во Велика Британија. Причината е падот на побарувачката за дизел модели во Европа.

Минатата година Nissan има продадено 128.456 дизел модели во Европа или околу 16 отсто од вкупните испораки во регионот, објави Bloomberg Intelligence.

Потенцијалните последици од аферата со Volkswagen вклучуваат и забрана за дизел автомобили во урбани области во Германија, додека Париз веќе ги забрани постарите дизел модели. Производителите на автомобили се во процес на изнаоѓање на решенија за загриженоста на купувачите, нудејќи програми кои вклучуваат замена на дизел автомобилите за нови бензински модели во случај клиентот да биде засегнат од некакво ограничувања.

Податоците од минатиот месец покажуваат голем пад на побарувачката за дизел автомобили и во Велика Британија, што е втор по големина европски пазар по Германија, каде што продажбата на дизели исто така опаѓа.