Bugatti, по завршувањето на автомобилскиот саем во Женева откри дека скапоцениот La Voiture Noire, за кој се тврди дека чини 16,7 милиони евра, е само недовршен концепт со привремен мотор и ентериер, кои послужиле само за потребите на прикажување на овој саем

Моделот La Voiture Noire, за кој странските медиуми наведуваa дека е врз основа на серискиот Bugatti Chiron, па врз основа на тоа претпоставува и дека веќе има вграден мотор од овој модел, се уште е во фаза на развој, пишува Carscoops врз основа на инфромации од француската компанија.

Имено, кога овој медиум побарал дополнителни информации од Bugatti, главниот портпарол на компанијата Тим Браво признал дека автомобилот што беше изложен на Женева Мотор Шоу е далеку од целосно функционален модел.

„Тоа не е комплетен автомобил“, рекол Браво. „Работата на ова возило, ја започнавме пред само шест месеци, кога постигнавме конечен договор со клиентот. La Voiture Noire ќе биде целосно подготвен за 2-2,5 години“, објаснува тој.

За целите на презентација во Женева, концептот бил опремен само со мал електричен мотор и батерии, за автомобилот да може да стигне до штандот со сопствен погон.

Покрај тоа, затемнетите прозорци доволно го прикриле салонот, кој според портпаролот на Bugatti, исто така, се уште е во рана фаза на развој.

Сепак, кога за 24 до 30 месеци, овој уникатен автомобил ќе биде завршен, погонот навистина ќе биде 8.0 W16 со четири турба, кој испорачува 1.500 КС (1.103 kW) и 1.600 Nm вртежен момент.