Идниот базен електричен модел на марката од Волфсбург, на пазарот треба да се најде во 2025 година, а свои клонови ќе има и во Cupra, односно Škoda.

Она што е веќе познато е дека идното трио електрични мали модели ќе се произведува во Шпанија. Она што Volkswagen го планира со својот најмал модел на батерии, можеше да се насети преку минатогодишниот концепт ID. Life. Во меѓувреме, германскиот бренд потврди дека конечниот дизајн на ID.1 ќе биде малку поинаков, пофутуристички во споредба со ID. Life.

Акцентот кај претстојните урбани адути ќе биде ставен на дигиталните функции, со цел да бидат попривлечни за помладите клиенти. Претстојните субкомпактни „струјаши“ ќе ја користат платформата MEB Lite (Entry), која е за околу 100 mm пократка од архитектурата MEB. Што се однесува до погонската група, се очекува да остане иста како кај концептниот ID. Life. Тоа значи еден електричен мотор на предната оска со повеќе од 230 КС, со на располагање батерија од 57 kWh. Ова, теоретски, овозможува опсег од околу 400 km (според протоколот WLTP).

И перформансите треба да бидат повеќе од прифатливи. Volkswagen најавува спринт до 100 km/h за помалку од 7 секунди… Не толку одамна, тоа беше територија резервирана за hot-hatch модели… Како и да е, марката од Волфсбург најавува дека идните урбани електрични модели ќе бидат многу поспособни од електричните up, citigo и mii.

Останува прашањето за цената… Групацијата Volkswagen останува на ставот дека таргетира почетна цена од 20.000 евра и нема да се откаже. Дали тоа ќе биде така ќе дознаеме дури за три години.