Викендот кој фановите желно го чекаа конечно пристигна! Овој викенд, по точно 111 дена од последната трка во Formula 1 во 2018 година, започнува новата сезона во најбрзиот циркус на светот. Започна новата сезона од Светското првенство во Formula 1 – 70-то по ред!

Ова се некои од клучните информации во пресрет на Австралиското ГП.

И оваа година во шамионатот ќе се натпреваруваат десет тима, но имаше некои важни промени. Sauber со зајакнување на спонзорски договор го смени своето име во Alfa Romeo Racing, a по промената на сопственоста, од светот на Formula 1 се брише името на Force India. Сега тимот се вика Racing Point F1.

Red Bull Racing го смени снабдувачот со мотори. Прекината е 12-годишната соработка со Renault, а тимот до нови успеси ќе се обиде да дојде до агрегатите на Honda. Една важна промена е поврзана со Ferrari, a тоа е нов шеф на тимот. Матиа Биното е четврти шеф на тимот на Ferrari во последните пет години, со кој во Маранело се надеваат дека ќе се стави крај на многу годишниот пост.

Големи промени има и кај возачките постави. Само две екипи во Мелбурн ќе настапат со истите возачи од минатата сезона – Haas и  Mercedes. Само осум од останатите возачи останаа на истите места каде што беа и во претходната сезона.

На патеката се и двајцата повратници – Русинот Данил Квјат (Toro Rosso) и Роберт Кубица (Williams), човекот чија кариера во Formula 1 кога тргна во нагорна линија имаше сериозна несреќа на рели во Андора по што поради сериозноста на повредата на неговата рака, никој не веруваше во неговот враќање било кога.

На првата трка во сезоната ќе се појават и тројца дебитанти – Ландо Норис (McLaren), Џорџ Расел (Williams) и Александар Албон (Toro Rosso). Тука е и Антонио Џовинацо, кој влегува во неговата прва вистинска сезона во Formula 1 по двете трки за Sauber во 2017 година како замена за Верлајн.

Што се однесува до календарот на трки, тука промените се минимални. Разликата е во тоа што сезоната трае две недели повеќе, но без промена на патеки и без нови трки.

Formula 1 во 2019 година ќе има нов директор на трки. За жал, само еден ден пред првиот слободен тренинг за Големата награда на Австралија, Formula 1 го загуби Чарли Вајтинг кој на оваа позиција беше повеќе од две децении

Новина во шампионатот е доделувањето на еден поен на возачот кој ќе извози најбрз круг во трка, а кога станува збор за болидите, големите промени се случија во областа на аеродинамиката со цел на возачите да им се олесни следењето на друг болид пред нив.

Австралиското ГП во календарот на Formula 1 e вклучено во 1985 година. Првите 11 изданија се одржани на патеката во Аделаида, а од 1996 до денес, трката се вози на патеката Алберт Парк во Мелбурн. Ова е 22-ри пат сезоната во Formula 1 да тргнува токму од оваа патека.

Најмногу победи во Австралија има Михаел Шумахер – четири. По три пати славеле Џенсон Батон и Себастијан Фетел, а по две победи периодот од 1985 година до денес имаат Прост, Бергер, Сена, Хил, Култхард, Раиконен, Хамилтон и Розберг. Кај конструкторите McLaren има 11 победи, Ferrari девет, Williams пет и Mercedes три.

Квалификациите се возат во сабота на 16-ти март во 7 часот по македонско време, а трката во недела во 6:10 минути. Временската прогноза вели стабилно и суво време.

Се надеваме на вистински ескплозивен почеток на новата Formula 1 сезона.