Tesla Model Y најголема автономија има при градско возење, дури 537 километри со едно полнење

Tesla кон крајот на јануари започна со производство на новиот кросовер, Model Y, а првите сопственици својот автомобил ќе го добијат веќе во месец март.

Кога Илон Маск го претстави ова возило пред една година, беше објавено дека, во зависност од верзијата, Model Y ќе има автономија од 370 до 480 километри. Сепак, според податоците објавени од страна на Американската агенција за заштита на животната средина (EPA), која ја тестирала топ верзијата Tesla Model Y Performance со два електрични мотори и погон на сите тркала, резултатите биле над очекувањата.

Имено, EPA соопшти дека овој автомобил може да измине до 537 километри во услови на градско возење, 507 километри во комбиниран режим, а на отворено 468 километри.

Треба да се напомене дека овие податоци може да варираат во зависност од димензиите на тркалата, а се претпоставува дека EPA го тестирала возилото со 19-инчни алуминиумски тркала, иако во извештајот тоа не е прецизирано.

Во секој случај, горенаведените податоци се во прилог на Tesla, со оглед дека EPA е позната по прилично реални резултати, без разлика дали станува збор за мерење на потрошувачката на конвенционалните автомобили или автономијата кај електричните модели.