На Романците им е „преку глава“: Забрануваат брзи, бесни и бучни автомобили и мотоцикли ноќе!
Бучавата создава непријатност, го нарушува спиењето, влијае на менталното здравје, продуктивноста на работата, процесот на учење и социјалното однесување, предизвикува стрес и може да предизвика хроничен замор, несоница или кардиоваскуларни заболувања
Ако живеете покрај пат, обидете се да се сетите колку пати ве разбудил возач или мотоциклист кој мислел дека се трка со Валентино Роси на патеката во Имола. Бучавата во текот на ноќта може да биде неподнослива, а доволно е само еден спортски автомобил и мотоцикл со брз и жесток возач да го претвори вашиот мирен сон во несоница.
Градското собрание на романската престолнина Букурешт неодамна претстави нацрт сет на прописи чија цел е да се намали количината на бучава што ја произведува сообраќајот во градот. Новиот проект предвидува забрана за ноќен сообраќај на автомобили и мотоцикли кои произведуваат бучава поголема од 95 децибели.
Мерењето на бучавата произведена од возилата кои учествуваат во сообраќајот ќе го вршат сообраќајната полиција и романскиот авто-регистар, врз основа на протоколот што веќе го склучуваат овие две тела. Истите институции ќе спроведат програми насочени кон информирање на сопствениците на автомобили во Букурешт за новата регулатива. Сообраќајот на автомобили и други возила погласни од 95 децибели ќе биде дозволен само од 8 до 21 часот и 59 минути. Оние кои ќе ја прекршат новата уредба за ноќна бучава ќе се соочат со парична казна до 1.000 евра.
Иницијатор на нацртот е Одделот за животна средина на Градското собрание на Букурешт. Претставниците на институцијата тврдат дека бучавата што ја произведува патниот сообраќај е најважниот извор на звучно загадување во Букурешт. Администрацијата проценува дека повеќе од 700.000 жители на главниот град се погодени од гласни автомобили и мотоцикли во текот на ноќта и дека нормалните граници на бучава рутински се надминуваат на 59 улици во Букурешт.
Во Букурешт има 12.419 згради во области со ноќна бучава поголема од 60 децибели. Бучавата создава непријатност, го нарушува спиењето, влијае на менталното здравје, продуктивноста на работата, процесот на учење и социјалното однесување, предизвикува стрес и може да предизвика хроничен замор, несоница или кардиоваскуларни заболувања.