На Mercedes не му е потребна државна помош
За разлика од повеќето други производители, во Mercedes веруваат дека можат сами да се справат со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус
Коронавирусот успеа во она што на никого не му пошло од рака. А имало обиди. Светот скоро запре, а последици трпи, и тоа огромни, и автомобилската индустрија. Покрај фабриките кои мораше да го прекинат производството на неколку недели, нарушени се и другите карики во ланецот – добавувачи и испорака. Побарувачката е исто така пониска, а државните алатки за пандемијата директно влијаат на можноса за пласман.
Но, ако Mercedes се прашува, не е сè така црно. Првиот човек на Mercedes, Ола Колениус, за германскиот Handelsblatt вели дека компанијата барем засега работи добро.
„На Daimler во моментов не му е потребна државна помош. Генерално, во индустријата имаше многу нарачки пред кризата“.
Неверојатно, но добро стојат и добавувачите на Mercedes.
„Ние сме во постојан контакт со нашите добавувачи. Досега немаше проблем со ликвидноста“, објаснува Колениус.
Дополнителен плус за Mercedes е повторното отворање на кинеските постројки, но и закрепнувањето на кинескиот пазар. Таму, побарувачката е повторно во плус, а бизнисот се нормализира.
„Повеќето салони се отворени и клиентите полека се враќаат. Се повеќе луѓе доаѓаат во салоните и побарувачката се зголемува, што нè прави оптимисти“, завршува првиот човек на Mercedes.