„Можеби ќе видиме како луѓето почнуваат да ги менуваат нивните секојдневни навики за возење или начин на живот, но тоа сè уште не се случило“

Високите цени на бензинските пумпи се глобален тренд кој продолжува, бидејќи националната просечна цена за галон (3,78 литри) во Соединетите Држави за прв пат во историјата надмина 5 долари.

Според ААА, просечната цена сега е рекордни 5,01 долари за галон, што е за 58 центи повеќе од пред еден месец и 1,94 долари повеќе од пред една година.

Цените се очекува да продолжат да растат бидејќи организацијата забележала дека најновите податоци на американската Управа за енергетски информации покажуваат дека домашните резерви на бензин минатата недела паднале за 800.000 барели (95,39 милиони литри), додека побарувачката за бензин дневно се зголемила од 8,98 милиони барели на 9,2 милиони. Со оглед на ова, не мора да бидете економист за да разберете дека помалата понуда и поголемата побарувачка се еднакви на повисоки цени.

Додека националниот просек е 5,01 УСД за галон, жителите на Калифорнија тоа веројатно би го нарекле евтино затоа што во просек плаќаат 6,43 долари по галон. Во превод тоа е приближно 101 денар за литар. Останатите „скапи“ држави ги вклучуваат Невада (5,65 долари), Алјаска (5,56 долари), Илиноис (5,56 долари), Вашингтон (5,54 долари) и Орегон (5,53 долари).

Цените растат речиси насекаде. Во Западна Вирџинија, Монтана, Колорадо, Канзас, Вирџинија, Мисури, Северна Дакота, Индијана, Охајо и Ново Мексико, просечната цена на бензинот минатата недела пораснала за повеќе од 20 центи.

„Врз основа на побарувачката што ја гледаме, се чини дека високите цени сеуште не ги одвраќаат возачите. Ако цените останат на или над 5 долари, можеби ќе видиме како луѓето ги менуваат своите секојдневни навики. Сега за сега, тоа сè уште не се случило“, вели портпаролот на ААА, Ендрју Грос.