Во средината на шеесеттите години од минатиот век Ferrari од моделот 250 GTO има произведено само 39 примероци. Денес овие модели се продаваат за суми поголеми од десетици милиони долари

Деновиве, на автомобилскиот саем во Женева, првиот човек на италијанскиот производител на суперавтомобили, Серџио Маркионе, изјави дека постои можност иконата 250 GTO повторно да се произведува!

Во едно интервју, тој вели:

„Не ми се допаѓа терминот повторно производство. Она што Jaguar го направи со своите автомобили од минатото е навистина паметно, но производството на идентичен модел 250 GTO нема да биде лесна задача, а да се живее на сметка на стара слава е пракса која ние не сакаме да ја практикуваме. Сепак, дефинитивно постои база од каде што можеме да тргнеме и искрено се надевам дека ќе имаме нешто да ви покажеме во следните неколку години“.

Маркионе мисли на моделот E-Type, автомобил кој Jaguar повторно го произведе во ограничен број пред неколку години. Британскиот производител сличен принцип примени и на моделот XKSS, а сега и на D-Type. Нивниот најголем конкурент, Aston Martin, планира сличен потег со производството на DB4 GT. Според изјавата на Маркионе, и Ferrari е на сличен пат.

Елитата која го поседува моделот 250 GTO ја сочинуваат модната икона Ралф Лорен, тапанарот на групата Пинк Флојд, Ник Мејсон, сопственикот на синџирот супермаркети Wal-Mart, Роб Волтон, поранешниот претседател на Мајкрософт Џон Ширли…

Овој модел со сериски број 3851GT моментално има репутација на најскап автомобил некогаш продаден на аукција, по цена од 38 милиони долари.