Може ли некој да го сопре? Верстапен победник на ГН на Мајами / ФОТО+ВИДЕО
Двократниот светски шампион Макс Верстапен триумфираше на Големата награда на Мајами, петтата трка од овогодинешниот шампионат во Formula 1
На улиците на Мајами, возачот на Red Bull ја постигна третата сезонска победа или вкупно 38-ма во кариерата, а до неа дојде со брилијантно возење откако трката ја стартуваше од деветтата позиција.
Најблиску до холандскиот возач беше неговиот тимски колега Серхио Перес, додека Фернандо Алонсо во Aston Martin се искачи на третото скалило од победничкиот подиум. Ова за Шпанецот е четвртиот овосезонски подиум, а повеќе има само Верстапен – пет.
Макс Верстапен на Флорида дефинитивно ја извозе најдобрата овосезонска трка, откако на стартот загуби една позиција и падна на 10. место. На двократниот шампион не му требаше многу време да се пробие до водечките позиции. Веќе во 15-от круг стигна до второто место, за шест круга подоцна да го преземе и водството кога Перес влезе во бокс, и кое го држеше цели 25 круга, кога и самиот мораше да влезе во боксот по нови гуми.
Double Dutch 😤@Max33Verstappen powered past Leclerc and Magnussen in one fell swoop on his ascent through the field#MiamiGP #F1 pic.twitter.com/DfeqD1TONg
— Formula 1 (@F1) May 7, 2023
По враќањето на патеката, Холанѓанецот беше многу блиску до својот тимски колега, трпеливо чекајќи го моментот да го нападне, што го направи само еден круг подоцна, а потоа рутински се одлепи. Перес мораше да се задоволи со второто место, пет секунди зад Верстапен и над 20 пред Алонсо. Возачот на Aston Martin кој имаше прилично „осамена“ трка, во еден момент имаше борба со Карлос Саинц Јуниор во Ferrari, но лесно ја реши во своја корист. Како дополнителен проблем, помладиот од двајцата Шпанци пребрзо влезе во боксот, за што беше казнет со додавање на пет секунди на крајното време.
Најдобар меѓу останатите беше Џорџ Расел во Mercedes, пред Саинц и тимскиот колега Луис Хамилтон, коj стартуваше дури од 13. позиција. Другиот возач на Ferrari, Шарл Леклер имаше просечна трка, бидејќи стартуваше седми и заврши седми, пред Пјер Гасли во болидот на Alpine. Листата на освојувачи на поени ја комплетираа вториот возач на Alpine, Естебан Окон и Кевин Магнусен во болидот на Haas.
Со новата победа, Верстапен ја зголеми предноста во генералниот поредок и сега има 119 бодови, 14 повеќе од Перес, додека Алонсо е трет со 75.
Шампионат во Formula 1 продолжува со Големата награда на Емилија Ромања на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола на 21 мај.
2023 Miami Grand Prix / Резултати
2023 Miami Grand Prix / Race Highlights
2023 Miami Grand Prix / Изјавија по трката
Макс Верстапен
„Ова беше добра трка. Успеав да се извлечам без проблеми во гужвата на стартот и после тоа имав чиста трка што ми овозможи да останам подолго на тврдите гуми, што ја направи разликата. На крајот имав мала битка со Перез, но важно е дека се беше чисто. Добра победа за нас денес“, изјави Макс Верстапен веднаш по трката.
„Вчера имавме проблеми во квалификациите, но денеска останавме мирни и чисти и победата на трката од деветтото стартно место секако е задоволувачка. Вчера зборувавме за поинакви стратегии, не знаевме поради времето, но бевме убедени дека ќе се исплати“, додаде Макс Верстапен.
Серхио Перез
„Дадов се од себе, но темпото беше навистина лошо на почетокот и тоа ја компромитира мојата трка. Едноставно немавме доволно предност на тие гуми, а Макс беше исклучително брз денеска. Средно тврдите гуми беа полоши отколку што очекувавме и дефинитивно ќе сакам да ја анализирам трката бидејќи едноставно немав темпо. Се надевам дека за две недели ќе се вратам во подобра форма“, изјави Перез.
Фернандо Алонсо
„Болидот е одличен. Имав малку осамена трка бидејќи Red Bull беше многу напред, додека ние имавме одредена предност пред останатите. Очекувавме посилна конкуренција, но Ferrari денеска немаше свој ден. Сигурно не беше лесно, но бев осамен. Имаше забавни дуели во првата етапа од трката и се надевам дека оваа форма ќе се пренесе и на европските трки“, изјави Алонсо.