Пилотот на Yamaha, Маверик Вињалес по одличниот старт и конзистентност во текот на целата трка во Сепанг, Малезија, стигна до својата втора сезонска победа, а 23-та во кариерата

Победата на Сепанг, интересно, е прв успех на Yamaha во Малезија од 2010 година. Старо-новиот шампион, Марк Маркез успеа да напредува за осум места во однос на стартната позиција, но едноставно немаше шанси да го стигне и Вињалес. Трет на подиумот заврши Андреа Довициозо со Ducati, по тесната битка со Валентино Роси.

Благодарение на новите 20 поени, Маркес, кој титулата ја обезбеди уште пред неколку недели, постави нов рекорд според освоени бодови во една сезона. Осумкратниот светски шампион во моментов има 395, на една трка до крајот на шапионатот – Големата награда на Валенсија на 17-ти ноември. Претходниот рекорд го држеше Хорхе Лоренцо, со освоени 383 поени во 2010 година.

Битката за победа на Сепанг беше решена веќе по неколку круга. Трката ја поведе Џек Милер од Pramac Ducati, но Вињалес брзо успеа да стигне до лидерската позиција. На Шпанецот не му требаше многу да се одвои од ривалите предводени од Маркес, кој еден ден порано, во квалификациите имаше спектакуларен пад, која за среќа мина само со неколку модринки. Сепак шампионот не можеше да се приближи до својот сонародник, но имаше доволно добар ритам да се оддалечи од Довициозо, кој водеше голема борба со Валентино Роси на Yamaha.

Двајцата Италијани се бореа до самиот крај, а иако Докторот на двапати го нападна возачот на Ducati, на крајот Довициозо сепак успеа да заврши пред него. Во последните неколку кругови ним им се приближи Алекс Ринс на Suzuki, кому сепак не му се укажа можност да ги нападне, па мораше да се задоволи со петтата позиција. 

Шести заврши Франко Морбидели од Petronas Yamaha, пред тимскиот колега Фабио Квартараро, кој иако стартуваше од пол-позицијата, уште на стартот изгуби многу позиции и не успеа да го пронајде вистинското темпо. Милер заврши на осмото место пред Данило Петручи на Ducati и вториот возач на Suzuki, Џоан Мир, кој во финишот од трката од патеката го исфрли Жоан Зарко, поради што беше казнет за неодговорно возење.

MotoGP Malaysia 2019: Резултати

Марк Маркез на една трка до крајот има 395 бода, Довициозо е втор со 256 и Вињалес трет со 201. Возачот на Yamaha сè уште не ја обезбедил третата позиција на крајот од сезоната, бидејќи Ринс е зад него со само седум бода помалку.

MotoGP Malaysia 2019: Race Highlights

Овогодинешниот MotoGP шампионат завршува со Големата награда на Валенсија на патеката Ricardo Tormo на 17-ти ноември.

Loading...