Во стилот двајца се караат, третиот користи, победникот на трката за ГН на Штаерска беше решен во последниот круг

Португалецот Мигел Оливеира, возач на KTM Tech3 тимот, е големиот победник на трката за ГН на Штаерска, петтата трка од MotoGP шампионатот. Воедно ова е прва победа за еден Португалец во кралската класа, а во исто време и прва победа во историјата на спортот за KTM Tech3 тимот.

Португалецот до првиот триумф во кариерата во кралската класа дојде откако буквално во последната кривина, во стилот „двајца се караат, третиот користи“, ги престигна Џек Милер oд Pramac Ducati и Пол Еспаргаро од KTM Racing, кои борејќи се за победата воопшто не обрнаа внимание на Португалецот кој беше веднаш зад нив. Австралиецот го принуди помладиот од браќата Еспаргаро да излезе од патеката во последната кривина, а Оливеира го искористи моментот,  нападна однатре и за три десетинки подобро време финишираше пред Милер. Еспаргаро мораше да се задоволи со третата позиција.

Мигел Оливеира на тој начин стана победник на 900-та трка во кралската класа во историјата, а го постигна и вториот триумф за КТМ на последните три трки. Со победата на КТМ е прекината доминацијата на Ducati на Red Bull арената во Спилберг, бидејќи италијанскиот тим има пет триумфи од враќањето на MotoGP шампионатот во во Спилберг.

Покрај многуте престигнувања во текот на трката, неверојатната завршница, трката ја обележа и инцидент во кој Маверик Вињалес ги загуби кочниците по што мораше да скокне од неговата Yamaha за да спаси „жива глава“. Неговиот мотор удри во заштитниот ѕид на крајот од првата кривина и веднаш се запали, а Шпанецот остана неповреден. Веднаш беа подигнати црвените знамиња за прекин на трката.

До прекинот, се чини целосна контрола на трката и сигурно водство веројатно и за победа имаше Џоан Мир на Suzuki. Возеше сигурно и имаше две секунди предност пред возачот на LCR Honda, Такаги Накагами и Pramac Ducati, Џек Милер. За жал, по паузата, работите почнаа да се движат во сосема друга насока кога станува збор за Мир и Накагами. Еспаргаро се проби и имаше голема борба со Милер, додека Оливеира сериозно се закануваше од позадина. Возачот на Suzuki, Џоан Мир полека почна да го губи темпото поради дотраените гуми, а истиот случај беше и со Накагами. 

На крајот Мир мораше да се задоволи со четвртото место, пред минатонеделниот победник Андреа Довициозо на Ducati, тимскиот колега од Suzuki, Алекс Ринс и Накагами. 

И покрај лошата трка, Квартаро го задржа водството во генералниот пласман, но неговата предност сега е значително намалена. Французинот има 70 бода на првата позиција, три повеќе од Довициозо, а Милер ги следи со 56.

РЕЗУЛТАТИ

HIGHLIGHTS

https://youtu.be/PEj7VXFbktE

ИЗЈАВИЈА ПО ТРКАТА

Маверик Вињалес

„Ми беше сосема јасно дека сопирачките откажаа, па решив да скокнам од моторот. Почнав да губам притисок на предните сопирачки. Три круга возев споро (1:26), а потоа успеав да подобрам до 1:24, па повторно возев без сопирачки. Квартаро, Валентино и Петручи ме поминаа, но наеднаш сопирачките проработеа па можев да држам 1:24. Се приближив до Валентино и Фабио, но потоа сопирачките експлодираа и немав друг избор освен да скокнам од моторот. Не беше можно да се запре моторот“, изјави по трката Вињалес.

Мигел Оливеира

„Чувството е посебно, особено затоа што победив на домашен терен за КТМ. Цел викенд беше одличен и среќен сум што запирањето на трката ми даде втора шанса. Бев во можност да ги сменам гумите и тоа ми овозможи да се борам за врвот. Цврсто стојам на нозете, а во главата сум пресреќен“, изјави Оливеира. „Бидејќи го нема Маркес, сите почувствуваа дека можат да победат и да дојдат до титула. Поради тоа и не постои јасен фаворит за титулата, а и сè уште е рано да се дефинира некој. Се надевам дека во следните неколку трки ќе видиме кој е константен, кој е често на подиумот бидејќи на крајот се се сведува токму на тоа“, додаде Оливеира.

MotoGP шампионат продолжува со Гран-при на Сан Марино и Римини на 13 септември.