Mercedes ги исфрла бензинските и дизел мотори!
Германскиот Mercedes предвидува дека половина од продажбата на нивните автомобили до 2030 година ќе ја сочинуваат хибриди, а целта е сите европски фабрики да бидат CO2 неутрални до 2022 година
Компанијата со седиште во Штутгарт најави серија нови ограничувања на CO2, кои планира да ги достигне во следните 20 години, што на крајот треба да доведе до тоа сите патнички автомобили на Mercedes до 2039 година да бидат еколошки неутрални. Тоа значи дека во следните две децении Mercedes целосно ќе ги исфрли бензинските и дизел мотори со внатрешно согорување од своите автомобили.
Ола Калениус, кој наскоро ќе го наследи Дитер Цетче на позицијата извршен директор на Daimler, како прв човек на компанијата, кој не е Германец, вели дека Mercedes заедно со електрификација на својата гама на автомобили ќе ги трансформира и производствените капацитети и ќе изврши притисок врз своите добавувачи исто така, да ги намалат емисиите на CO2.
Daimler не е првиот германски гигант што ја најави својата цел за намалување на емисиите на CO2, затоа што слични планови има и групата Volkswagen која има за цел целата флота од сите брендови да ја направи CO2 неутрална до 2050 година.