Mercedes потврди дека Валтери Ботас останува во Formula 1 тимот, најкратко до крајот на следната сезона со договор „еден плус еден“

Откако Луис Хамилтон потпиша двегодишен договор со „сребрената стрела“, истото во малку поинаква форма го стори и финскиот возач.

Раководителот на тимот, Тото Волф, не крие дека внимателно го следел пазарот на возачи, како и тоа дека имало и други опции, со Даниел Рикијардо како најсериозен кандидат.

Сепак, и покрај фактот што серија на малери, го тргнаа Ботас од потенцијална титула оваа сезона, тој, велат од Mercedes, има направено доволно за да му се понуди продолжување на договорот, со опција до 2020 година.

„Останувам со тимот во 2019 година, а потоа ќе има можност и за 2020 година“, потврди Ботас. „Јас сум навистина задоволен. Сакам да работам со овој тим, го сакам тимскиот дух, атмосферата и сето она во што вреди да се вложат напори за добивање на врвни резултати. Јас и понатау ќе продолжам да се обидувам да дадам се од себе за да ги постигнам овие резултати. Јас ќе дадам 100 отсто од себеси како и секогаш, па затоа сум многу среќен што останувам во тимот“.

На сето ова Волф додава: „Многу сме задоволни што можеме да го продолжиме договорот на Валтери барем за уште една сезона и што можеме да го потврдиме возачкиот тандем возач за 2019 година пред домашната трка во Хокенхајм. Перформансите на Валтери оваа сезона беа одлични и да немаше ниту една од нашите грешки и пехови, тој ќе ќе беше лидер во шампионатот. Кога ја донесовме одлуката за 2019 година, не ја земавме предвид само брзината и работната етика, туку и карактерот. Неговиот однос со тимот, вклучувајќи ја и Луиза, е отворен и полн со доверба, без никаква политика”.