Mercedes е подготвен за електрична иднина, но тоа ќе чини многу работни места
Daimler ќе ја финансира транзицијата со продажба на бензински и дизел автомобили
Извршниот директор на Daimler, Ола Калениус, објави дека германскиот концерн, дел од кој е и Mercedes-Benz, е подготвен за иднината, а со тоа и електрификација. Плановите предвидуваат елиминација на моторите со внатрешно согорување во 2039 година, но тоа може да се случи порано.
Извршниот директор на автомобилскиот гигант за Financial TImes открива дека големата побарувачка за електрични модели на Mercedes го охрабрува преминот кон производство на електрични автомобили. Сепак, компанијата нема да престане да произведува бензински и дизел модели, користејќи ги парите од нивната продажба за финансирање на електричната иднина.
Откако е на чело на Daimler, Калениус од близу го следи развојот на електричниот предводник на Mercedes, седанот EQS. „Првото луксузно електрично возило“, како што компанијата го дефинира овој модел, треба да стане алтернатива на S-класата. Според Калениус, не постои начин да се одреди точен датум за целосно напуштање на моторите со внатрешно согорување, кое ќе биде постепено, благодарение на регулаторниот притисок во комбинација со намалување на цената на батериите и динамиката на пазарот.
Продажбата на електрични автомобили моментално зема замав, со тоа што Mercedes има продадено 16.000 електрични возила и 43.000 Plug-in хибриди во првиот квартал од 2021 година, што е 10% од глобалните перформанси на брендот. Сепак, електрификацијата го става на дневен ред прашањето за работните места, кој ќе мора значително да се намалат.
Самиот Калениус го признава ова, посочувајќи дека за производство на електрични возила се потребни многу помалку работници отколку заавтомобилите со мотори со внатрешно согорување. Шефот на Daimler додава дека германските производители на автомобили ќе мораат да имаат „искрен разговор за работните места“, што може да биде проблем.
Според Autonews Europe, преминот кон електрични автомобили ќе остави без работа многу луѓе во автомобилската индустрија. Според проценките на IFO, преминот кон производство на електрични возила само до 2025 година ќе бара намалување на повеќе од 100.000 работни места.