Компанијата Mercedes-Benz го отвори првиот изложбен салон во кој се продаваат само електрични автомобили, но тој не се наоѓа во Германија.

Салонот Mercedes EQ Yokohama се наоѓа во градот Јокохама во јапонската префектура Канагава, јужно од Токио. Во објектот со површија од 1.221 квадратен метар се продаваат пет модели на Mercedes EQ, односно постоечките EQ модели вклучувајќи го и Mercedes EQS. Во салонот истовремено може да бидат изложени до седум возила, а можно е и пробно возење. Има и локација за испорака на возила, како и три CHAdeMO полначи и сервисна работилница.

Покрај станиците за полнење на електрични возила, салонот има и V2H опрема која ја покажува суштината на животниот стил со електричните автомобили. Во иднина ќе се постават соларни панели кои ќе овозможат салонот да се префрли на одржливи, природни и обновливи извори на енергија.

Во салонот се вработени и EQ експерти кои се на услуга на заинтересираните клиенти. Исто така, се нуди услугата MB Rent, за клиентите да можат да направат тест возење, но и да користат некој од моделите одреден временски период.

Mercedes-Benz има план целосно да се префрли на електрични возила до 2030 година. Постоечките модели од Mercedes EQ гамата се EQC, EQV, EQA, EQB, EQS, EQS SUV, EQE и EQE SUV, а доаѓаат и моделите EQG и EQT.