Дури и перформантниот оддел AMG на Mercedes размислува за својот прв целосно електричен модел

Иако AMG во своето портфолио не толку одамна имаше електричен SLS, тоа сепак беше само варијанта на автомобил кој веќе постоеше. Развиваше 750 КС, а до „стотка“ стигнуваше за само 3,9 секунди. Mercedes никогаш не споделил официјални бројки за тоа колку од овие автомобили биле всушност продадени, но се проценува дека станува збор за стотина примероци.

Денес, под водство на Ола Калениус, Mercedes планира да развие цела низа на електрични перформантни автомобили. За развојот ќе биде одговорен AMG, а Калениус посочува дека сè уште нема официјални рокови за тоа кога некои од овие модели ќе се појават на пазарот.

„Тоа е тежок процес затоа што покрај перформансите, мора да обезбедиме и добра автономија“, изјави првиот човек на Mercedes во разговор со новинарите на тековниот авто салон во Франкфурт. На прашањето дали би било тешко да се продаде електричен автомобил со со AMG ознака, Калениус вели: „Не, затоа што AMG е поврзан со возбудливо искуство при возење, така што погонот овде е во втор план“.

Сепак, Mercedes внимава со изјавите за потенцијални електрични суперавтомобили бидејќи во моментот имаат големи проблеми со завршните чекори во развојот на F1. Затоа, сè уште нема бомбастични најави за електрични „ѕверови“ од AMG.