McLaren ги враќа култната сина и портокалова боја на Gulf маслото за ГН на Монако следниот викенд

Првата соработка на британскиот тим со Gulf датира од времето на основачот на тимот Брус Мекларен. Двете компании соработувале за трките во Formula 1 и Can-Am кон крајот на 1960-тите и раните 1970-ти години.

Соработката е обновена минатиот јули, кога Gulf Oil стана стратешки партнер на британскиот Formula 1 тим.

„Ова ќе биде посвета од McLaren на прославениот Gulf дизајн на тркачките автомобили. Ние сме големи фанови на храбриот и смел дизајн, а впечатливата сина боја на Gulf е една од најпопуларните тркачки бои. Дизајнот отсекогаш бил важен за McLaren, тоа можете да го видите во сè што правиме, од враќањето на папаја бојата до изгледот на седиштето на тимот. Возбудени сме што сето ова ќе го прикажуваме како тим и ќе ја прославиме гордата соработка со Gulf во Монако“, вели Зак Браун.

 

„Прекрасен е, мислам дека сите можат да се согласат дека тоа ќе биде најубавиот болид на гридот. Одлична можност за обете страни, особено што ова ќе се случува во Монако“, вели Норис.

 

„Секако дека ми се допаќа. Супер е. Не ми требаше уште една причина за возбуда кога станува збор за Монако, затоа треба да се исконтролирам и да заштедам енергија за следната недела. Сè додека изгледате добро, а тоа е првото нешто што треба да го обезбедите за Монако, можете да започнете со одличен викенд“, дополнува Рикиардо.

Вообичаено, тркачкиот викенд во Монте Карло започнува во четврток (20.05), кога за прв пат ќе можеме да го видиме новиот изглед на McLaren на патеката.