Станицата за полнење на возила со водород се наоѓа во мадридската авенија Манотерас и има можност да го испорача овој енергенс под притисок од 700 бари, што овозможува постапката на полнење на цилиндерот за гориво да трае помалку од пет минути

На пазарот за еколошки возила целосно доминираат електричните и хибридните автомобили. Сепак, факт е дека зелени возила се исто така оние кои користат течен нафтен гас (Liquefied Petroleum Gas – LPG), како и компресиран природен гас (Compressed Natural Gas – CNG).

Сепак, јасно е дека покрај батериските и возилата кои се напојуваат со согорување на гас, постои и друга алтернатива, а тоа е водородот. Иако оваа технологија сè уште не го освоила своето место под Сонцето, како што е случај другите „зелени“ енергенси, сигурно е дека ќе има суштинска улога во мобилноста на иднината. Брендовите како Hyundai и Toyota веќе поседуваат модели на водород, односно имаат комерцијализирана технологија на водородни горивни ќелии.

Во таа смисла, Мадрид го прави првиот чекор во однос на прифаќањето на новата технологија и сега ја има првата водородна „бензинска пумпа“ во градот. 

Моделот Toyota Mirai e избран за „манекен“ на презентацијата, иако мора да се напомене дека организаторите и немале голем избор.

Новоотворената станица е во состојба да испорача до десет килограми водород во текот на еден ден, под притисок од 700 бари, што трае помалку од пет минути.

Ова е прва станица во цела Шпанија каде што е овозможено надополнување под таков висок притисок, што е исклучително важно затоа што, благодарение на оваа одлика, постапката се одвива за прифатливо кратко време. Конечно, вреди да се нагласи дека зелениот водород кој се продава на станицата, атрибутот го има поради тоа што се добива од обновливи извори на енергија.