Луис Хамилтон официјално стана „витез“
Седумкратниот светски шампион во Formula 1, Луис Хамилтон, официјално стана витез, на свечена церемонија во замокот Виндзор, само три дена откако Макс Ферстапен го спречи да се обиде да стане рекордер по бројот на титули
Возачот на Mercedes го одликувал принцот Чарлс, нешто помалку од една година откако кралицата Елизабета Втора му ја додели титулата витез. Британската кралица традиционално за Нова година ги одликува Британците кои се истакнаа на некое поле во претходните 12 месеци, а Хамилтон стана „Сер“ поради неговите заслуги за развојот на мото спортот.
Минатата година Хамилтон стана рекордер по број на триумфи во историјата на Formula 1, надминувајќи го до тогаш неприкосновениот Михаел Шумахер. Легендарниот Германец кариерата ја заврши со 91 победа, додека Хамилтон до крајот на сезоната го помести рекордот на 95, а годинава на 103. Исто така, британскиот автомобилист во 2020 година ја освои седмата шампионска титула, израмнувајќи се со Шумахер, а пред неколку дена беше блиску до осмата титула, но беше спречен во тоа од страна на Верстапен по контроверзните одлуки на управата на трката во последниот круг од последната сезонска трка.
Покрај седум титули и 103 победи, зад името на Хамилтон се и 182 подиуми и 103 пол позиции, по што е рекордер, но и статистички најдобар возач на сите времиња.
Наназад во минатото, седумкратниот светски шампион, по првата титула во 2008 година, која ја освои како возач на McLaren, беше одликуван со MBE или Орден на Британската империја. Во последните години многу се зборуваше за тоа дека може да стане витез, како почна да ги ниже титулите, но се чинеше дека причината поради која го нема на листата е што живее во Монте Карло и на тој начин наводно избегнува да плаќа данок, но Кралицата со доделувањето на одликувањето минатата година го демантираше тоа.