Додека цените на половните автомобили во Германија во 2020 година останале речиси на нивото од претходната година, оваа година бележат раст во речиси сите сегменти

Според анализата на порталот за половни автомобили AutoScout24, просечната цена на половен автомобил пораснала на 22.841 евро или за 2.027 евра или 10 отсто повеќе во однос на минатогодишното ниво. Споредено со истите периоди лани и годинава, порастот е уште поголем бидејќи во однос на ноември 2020 година, цените во ноември 2021 година пораснале за цели 3.726 евра или 18 отсто.

Најголем раст на цените забележал сегментот средна класа со 14 проценти, потоа малите автомобили (+12%), компактните автомобили и високата средна класа (+11%), луксузната класа (+10%) и теренците и спортските автомобили (+ 8%).

Најмногу пораснале цените на половните автомобили во групите од 10 до 20 години – 12 отсто, кај возилата од 5 до 10 години поскапувањето е 11 отсто, а кај автомобилите од 3 до 5 години 10 отсто. Цените на поновите користени возила се зголемени за 7 до 8 проценти. Во однос на типовите на погон, автомобилите на плин поскапеле за неверојатни 20 проценти, електричните, бензинските и дизел автомобилите поскапеле помеѓу 8 и 9 проценти, а хибридите само 5 проценти.

Една од причините за општото поскапување на половните автомобили е, меѓу другото, недоволната понуда, проблемите во производството на нови возила.