Извршниот директор на Либерти Медиа, Грег Мафеи, го обвини Берни Еклстоун за некои „стари гревови“ за односот на организаторите на трките

Поради лошото управување, новите сопственици наводно се нашле во проблеми. Доказ за ова е критичниот статус на некои Големи награди, како оние во Германија, Шпанија, Италија, Мексико и Велика Британија. Сите гореспоменати трки сé уште ги немаат обновено договорите за да си обезбедат прдолжување за уште неколку години.

Мафеи, како најголем проблем, ги смета договорите со организаторите во кои стојат преголеми суми кои мора да се исплатуваат за одржување на тркачкиот викенд (и сите придружни содржини). Според Мафеи, Еклстоун направил одлична работа, но во своја корист.

„Берни направил добра работа. Предобра. Промотерите останаа без расположливи средства. Имаме многу несакани последици. Секој може да ги види цените кои ги плаќаат организаторите. И Берни им има кажано на многумина дека трошат премногу пари. Но тоа не ни помогна многу“, вели Мафеи.

Мафеи вели дека од новите трки, онаа во Африка е високо на листата за организација.

„Сé уште размислуваме да организираме трка во Мајами, но има многу проблеми. Разгледуваме и некои алтернативи во Америка, Лас Вегас на пример. Разгледувавме и различни опции за Африка. Ние, исто така, се обидуваме да ја зајакнеме позицијата на трките во Западна Европа. Таму имаме навистина многу публика и фанови“, вели Мафеи.

Тој вели дека Либерти Медиа и претходно има истакнато дека целта е задржување на некои стари трки во календарот, а во исто време и воведување на нови локации, кои би можеле да бидат финансиски профитабилни.

„Ние секогаш се обидуваме да ги зацврстиме некои стари позиции, на пример во Западна Европа. Исто така, се обидуваме да воведеме и нови локации како Виетнам, уште една трка во Кина и можеби еден ден во Африка“.

Тој вели дека поради чувствителноста на преговорите, се уште е рано да се зборува за нови дополнувања на календарот.

„Не сме подготвени за бло каква потврда. Но внимателно разгледуваме во кои области треба да се зацврстиме, а на кои сакаме да бележиме нов раст“, вели Мафеи.