Ландо Норис во McLaren најмалку до крајот на 2025 година!
Ландо Норис и тимот на McLaren ја продолжија соработката и младиот британски возач ќе биде дел од тимот од Вокинг барем до крајот на 2025 година!
Норис е во тимот од 2017 година кога започна како тест возач, за во 2019 година да добие можност да вози како возач со полно работно време. Норис веднаш ја оправда довербата и покажа дека има и талент и брзина да се натпреварува во Formula 1.
Signed on the dotted line. ✍️?? @LandoNorris has committed to a new four-year agreement with McLaren Racing through to the end of 2025!
— McLaren (@McLarenF1) February 9, 2022
Последниве години тој е се подобар и тимот реши младиот возач да го „забетонира“ со договор на подолг период, а по тој повод шефот на тимот Андреас Сеидл изрази задоволство и надеж дека во иднина ќе имаат подобри резултати како тим.
„Не сакавме да ја пропуштиме можноста да продолжиме соработката, што само докажува колку доверба имаме во него и неговите способности. Веруваме дека како екипа наскоро ќе дојдеме во позиција да се бориме за шампионатот. Ландо покажа неверојатен напредок во изминатите години и се надеваме дека со континуитетот кој го имаме внатре во тимот ќе постигнеме врвни резултати. Заедно со Даниел и тимското водство, ја очекуваме потребната стабилност на која ќе го базираме напредокот и конечно ќе се бориме за врвот“, вели тој.
Во кратка изјава, Ландо Норис вели дека е исклучително задоволен што останува во семејството на McLaren и се надева дека во следните неколку години ќе успее во својата толку посакувана намера да го врати McLaren на врвот.
„Од самиот почеток во McLaren, се чувствував добредојдорен од сите луѓе кои го создаваат ова неверојатно семејство. Мојот втор дом е во McLaren и напредокот низ годините е благодарение на целиот тим. Мината година беше многу добра со напредокот што го постигнавме, а кога гледам колку напор се вложува во развојот, не се сомневам дека многу брзо ќе ја достигнеме целта што сите сакаме да ја постигнеме. Затоа сум убеден дека и во иднина ќе продолжиме да напредуваме, така да потпишувањето на новиот договор беше многу едноставно“, заклучува младиот Британец.