Дискретно редизајнираниот модел Velar на Range Rover со себе носи неколку промени во луксузно опремената и пространа кабина.

Пет години по својата премиера, Land Rover го откри (второто) освежено издание на моделот Range Rover Velar, кој, без сомнение, сè уште останува меѓу најубавите теренци на денешницата.

Каросеријата на редизајнираниот Velar е украсена со нови куќишта за предните и задните LED светла, а минимални промени се видливи на долниот дел од задниот браник и решетката на ладилникот.

Меѓу новитетите во кабината, најмногу се издвојува дисплејот од 11,4 инчи преку кој се контролира мултимедијалниот систем, со кој Range Rover ја замени претходната верзија составена од два дисплеа. Системот кој се крие зад името Pivi Pro поддржува безжично поврзување со апликациите Android Auto и Apple CarPlay.

Со ажурираното издание на клиентите им се нудат три нови комбинации на бои за кожата со кои е обложена кабината, а има и опција со која седиштата се обложени со комбинација од волна и текстил. Постоечката палета на бои на каросеријата е проширена со две нови нијанси на сина и сива боја.

Редизајнираниот Velar за европските пазари, кој се крие зад ознаката P400e, е придвижуван од рlug-in хибриден погон кој се состои од 2-литарски 4-цилиндерски турбо бензински мотор и електричен мотор кои се комбинираат за да произведуваат нешто повеќе од 400 коњски сили и 640 Nm на максималниот вртежен момент. Со подобрени батерии со поголем капацитет (19,2 kWh), Velar P400e може да помине до 65 километри (WLTP) без помош на моторот со внатрешно согорување.

Верзијата P400e, исто така, го претставува врвот на понудата, бидејќи Velar, придвижуван од громогласниот 5-литарски V8 мотор со механички компресор повеќе не е достапен, а љубителите на турбодизел моторите можат да сметаат на Velar напојуван од 2-литарски 4-цилиндерски мотор во послабата верзија (D200), а во помоќната верзија (D300) 3-литарска опција со 6 цилиндри. Погонот на сите тркала и 8-брзинскиот автоматски менувач доаѓаат со сите опции на погонската група.