Наскоро овие возила ќе држат 70% од пазарот, што негативно ќе се одрази на продажбата

Во периодот 2020-2023 година производителите на автомобили ќе лансираат вкупно 246 нови или обновени кросовер односно SUV модели, што значи дека нивниот удел на глобалниот пазар ќе достигне до 70%. Во исто време ова ќе влијае и на приходите во сегментот, вели годишната анализа на Bank of America наречена Car Wars (Автомобилска војна).

На прв поглед, производството на нови автомобили е добар потег, бидејќи компаниите кои најмногу продаваат ќе добијат највисок приход. Најмногу нови модели во овие класи подготвуваат Ford, Hyundai и Honda, додека на спротивната страна се Fiat, Volkswagen и General Motors, кои ризикуваат да загубат како клиенти, така и дел од пазарниот колач.

Во анализата се посочува дека во текот на периодот 2004-2019, на секои 12 месеци биле лансирани 40 нови или надградени модели. Прогнозата за 2020-2023 е зголемување од 50% – до 60 нови или рестилизирани модели. Експертите додаваат дека брзината со која овие возила се симнуваат од фабричките линии ќе се зголеми за 45% повеќе од побарувачката на пазарот.

Токму ова брзо темпо ќе доведе до намалување на приходите на големите концерни, бидејќи тие ќе бидат принудени да инвестираат постојано во развој на нови модели, кои ќе им овозможат да не заостануваат зад своите конкуренти.

Експертите додаваат дека голем дел од новите кросовери ценовно ќе бидат далеку од „длабочината на џебовите“ на купувачите, што соодветно ќе го намали интересот за нив. Следствено, ова ќе ги натера корисниците да се насочат кон пазарот на користени автомобили. Посочени се и конкретни бројки – ако минатата година во САД се продадени 17,27 милиони нови автомобили, тогаш во 2022 година нивниот број ќе падне на 14 милиони.