Приоритетите на потрошувачите од земја до земја секогаш се разликувале, поради што производителите се фокусираат на различни аспекти

Безбедноста на возилата не треба да има сегрегација – животот е најосновната работа без разлика каде живеете. За жал, безбедносните стандарди варираат во голема мера во зависност од регионот, а во Global NCAP одлучиле да го покажат тоа со тест за судар, кој вклучува два основни седани на Hyundai за американскиот и мексиканскиот пазар.

Од десната страна на овој краш тест е Hyundai Accent – моментално најевтиниот седан од јужнокорејскиот производител во САД. Лево е Hyundai Grand i10, кој е соодветната најприфатлива понуда на Hyundai за Мексико. Accent се произведува во Мексико, додека Grand i10 доаѓа од фабриката на Hyundai во Индија.

Па што покажуваат резултатите? Експертите за безбедност од Global NCAP анализирале како секој седан се однесувал за време на судирот. Каросеријата на Grand i10 силно се згужвала до точка каде што се срушил пределот на вратата, столбот А се свиткал, а воланот се поместил наназад. Со само две воздушни перничиња, нивото на заштита на предните седишта е блиску до нула, а експерт од Global NCAP вели дека ризикот од фатални или сериозни повреди е многу висок.

Accent, од друга страна, се покажал како многу побезбеден. Тоа секако не е најнапредното возило на пазарот, но неговото тело ги заштитило патниците а се активирале сите шест воздушни перничиња. Може да се каже дека во случај на вистински судир на овие две возила, патниците во Accent едноставно би си заминале со полесни повреди, додека оние во Grand i10 би биле тешко повредени, во најдобар случај.

Зошто се случува ова? Од Global NCAP велат дека една од причините се различните видови регулативи што постојат во различни земји. Исто така, постои голема разлика во приоритетите на потрошувачите од земја до земја, што значи дека производителите на автомобили се фокусираат на различни аспекти на нивните производи за различни региони.