
Крај за Mazda CX-3 во Европа
Производството на Mazda CX-3 за европскиот пазар ќе заврши во декември
Во мај Mazda се збогуваше со моделот CX-3 во САД, а сега пристигнува веста дека најмалиот кросовер на оваа компанија ќе тргне по истиот пат и во Европа.
Информацијата прв ја објави полскиот магазин Ауто каталог, наведувајќи дека извор е шефот на одделот за односи со јавноста на Mazda Полска, кој на потенцијалните купувачи на овој автомобил на Стариот континент им предложил дека „добро e да побрзаат, бидејќи (CX -3) ќе се укине до крајот на годината“.
Истиот извор прецизира дека производството на Mazda CX-3 за Европа ќе заврши во декември. Оваа вест не е премногу изненадувачка ако се земе предвид дека Mazda веќе некое време во своето портфолио има поудобен, не значително поскап CX-30.
Тоа не значи дека CX-3 е целосно укинат бидејќи има и други пазари во светот каде Mazda го продава својот мал кросовер. Всушност, CX-3 неодамна беше освежен во Јапонија каде што доби специјално издание наречено Super Edgy.
Нејасно е каква иднина на ум има Mazda за CX-3 со оглед на новата стратегија и најавата за неколку нови SUV модели за американскиот и европскиот пазар.
Јапонскиот производител неодамна објави дека семејството „CX“ значително ќе порасне во следните две години. Додека идниот CX-50 ќе биде механички поврзан со CX-30, моделите CX-60, CX-70, CX-80 и CX-90 ќе се базираат на нова платформа со погон на задните тркала и со линиски 6-цилиндерски мотори.
Поголемите SkyActiv-X бензински и SkyActiv-D дизел единици се развиваат за да поддржуваат и plug-in хибридни опции.
Mazda CX-60 и Mazda CX-80 ќе бидат претставени на европскиот пазар, а CX-70 и CX-90, како и CX-50 од групата помали кросовери, ќе им бидат понудени на клиентите во САД.