Tesla воедно е првата автомобилска компанија која се приклучува на елитниот клуб на компании со вредност од илјада милијарди долари и повеќе – Apple, Amazon, Microsoft и Alphabet

Пазарната вредност на Tesla во понеделникот надмина билион долари, откако компанијата ја доби најголемата нарачка на возила досега од компанијата за изнајмување автомобили Hertz.

Акциите на Tesla пораснаа за 14,9%, а вредноста на компанијата достигна 1.045 милијарди долари, со што Tesla стана највредниот производител на автомобили во светот.

Tesla воедно е првата автомобилска индустрија која се приклучува на елитниот клуб на компании со вредност од илјада милијарди (билион) долари и повеќе – Apple, Amazon, Microsoft и Alphabet.

Повеќето производители на автомобили не се фалат со нарачки од компании за изнајмување автомобили на кои им продаваат слабо продадени возила по намалени цени.

Но, за Tesla и нејзините инвеститори, одлуката на Hertz да нарача 100.000 Tesla автомобили покажува дека електричните возила повеќе не се ексклузивен производ, туку ќе доминираат на масовниот пазар на автомобили во блиска иднина.

„Електричните возила сега се мејнстрим и ние сме само сведоци на почетокот на глобалната побарувачка и интерес“, вели извршниот директор на Hertz, Марк Филдс.

Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, за цел постави стапка на раст на продажбата од 50 проценти годишно, која во одреден момент би требало да достигне 20 милиони продадени возила за една година. Тоа е двојно повеќе од продажбата на актуелните лидери на пазарот Volkswagen и Toyota.

Побарувачката за електрични возила на некои пазари веќе ги надмина очекувањата, па моделот 3 на Tesla беше најпродаваниот автомобил во Европа минатиот месец, според последниот извештај на консултантската компанија JATO Dynamics.