Челниците на Formula  1 изјавија дека трките светскиот шампионат нема да се одржат доколку некој тим биде спречен да патува заради епидемијата на коронавирусот

Новата Ф1 сезона би требало да започне со трката на ГН на Австралија на 15 март. Сепак, поради актуелната ситуација со епидемијата на корона вирусот, судбината на почетокот на сезоната сеуште не е позната. Постои сериозна шанса првите три трки од сезоната да бидат откажани. Имајќи предвид дека Италија стана епицентарот на вирусот надвор од Азија, постои можност и на некого од персоналот во Alpha Tauri или Ferrari да му биде забрането да патува надвор од земјата, во овој случај Италија.

Иако не е познато што би се случило во една такво сценарио, Рос Браун јасно става до знаење дека Големата награда нема да се одржи доколку некој тим биде спречен да патува.

„Ако некој од тимовите биде спречен да влезе во земјата каде треба да се одржи трка, тогаш таа трка не може да се одржи. Барем не трка од Светскиот шампионат, тоа би било неправедно“, вели Браун. „Секако, ако некој тим избере да не се натпреварува, тогаш тоа е нивна одлука. Сепак, на нас останува да делуваме ако државата каде треба да се одржи трка им забрани на екипите да влезат во земјата“, дополнува Браун.

Браун вели дека Formula 1 работи напорно првите трки од календарот да се одржат според планираното, но додава дека ситуацијата е исклучително комплицирана.

„Ситуацијата е многу сериозна, не сакаме тоа да го негираме. Ние сакаме да имаме трки, но мора одговорно да пристапиме кон нивната организација. Го минимизираме бројот на луѓе во падокот, барајќи тимови да испратат што помалку луѓе на трка“, ја издвојува Браун една од мерките кои Formula 1 ги презема за решавање на проблемот.