Со години, се помалку и помалку луѓе го губат животот во сообраќајни несреќи, а сега, за време на кризата со коронавирусот, тој број е помал од кога било

Податоците кои беа објавени оваа недела од Федералното биро за статистика на Германија зборуваат сами за себе: никогаш од обединувањето на Германија во 1990 година, за еден месец односно март оваа година бројот на жртви во сообраќајни несреќи никогаш не бил помал, пишува Deutsche Welle.

Загинале вкупно 158 лица, за разлика од 234 лица истиот месец минатата година. Исто така, намален е и бројот на повредени во сообраќајни незгоди во однос на минатата година.

Андреас Хелцел кој работи како експерт за сообраќај во германскиот авто-мото клуб ADAC, во интервју за DW сепак предупредува дека не треба да бидеме премногу оптимисти.

Хелцел смета дека намалениот број несреќи првенствено е поврзан со ограничувања поврзани со кризата со корона: работењето од дома и ограничувањето на контактите едноставно доведоа до тоа значително помалку луѓе да учествуваат во сообраќајот.

„Поаѓаме од фактот дека бројот на несреќи ќе се зголеми кога сообраќајот повторно ќе профункционира нормално. Голем број луѓе сè уште не се вратиле на своите работни места“, вели Хелцел. Според него, тоа значително влијае на состојбата во сообраќајот. Покрај тоа, луѓето во моментов помалку патуваат.

И покрај претпазливоста на овој сообраќаен експерт, едно е неспорно: дури и пред да се воведат ограничувањата заради вирусот корона, бројот на загинати во сообраќајот на германските патишта со години се намалува.

Ваквиот позитивен развој на прв поглед може да биде изненадување, бидејќи за разлика од повеќето други земји на ЕУ, Германија на одредени делници нема ограничување на брзината на возење. 

Од повеќе од 20.000 смртни случаи во средината на 1970-тите години, само во Западна Германија, бројот е намален на помалку од 3.000 на целата територија на државата.

Патем, Велика Британија, Данска и Холандија се сметаат за особено безбедни земји во Европа, додека Романија, Бугарија и Летонија за особено опасни.