Саемот за автомобили во Гуангжу во 2022 година беше одложен за повеќе од еден месец, но стартот на 30 декември 2022 година не поминал како што се очекувало. На штандот на IAT Automobile се запалил концептен автомобил, а кинеските власти и компанијата се обиделе да го прикријат настанот

Кинеската автомобилска индустрија се движи побрзо од кога било, што ја одразува зголемената важност на локалниот пазар. Додека многу саеми за автомобили во САД и Европа беа принудени засекогаш да се затворат, кинескиот пазар сè уште е раздвижен со нови модели и концепти на автомобили. Всушност, многу производители на автомобили, било да се тие од Кина или од западните земји, го сметаат кинескиот пазар доволно важен за да ги лансираат своите глобални модели на саеми во Кина пред да ги покажат на друго место.

Саемот за автомобили во Гуангжу (The Guangzhou Motor Show) е годишен настан, иако не е толку важен како автосалоните во Шангај или Пекинг, кои се наизменични, биенални настани. Обично се одржува на крајот на ноември, но во 2022 година, шоуто беше одложено поради повторна појава на Ковид инфекции во земјата. Новиот датум за почеток беше 30 декември, што го прави шоуто повеќе од кога било настан од 2023 година. Речиси ризикуваше да биде игнориран во западниот свет поради преклопување со новогодишните празници.

Како и да е, почетокот на шоуто беше означен со пожар доволно голем за да наиде на внимание од светските медиуми. На штандот на IAT Automobile непосредно пред отворањето се запалил концептетн автомобил. Сепак, тоа е Кина, па организаторите на шоуто и компанијата чиј концепт се запалил се обиделе со сите сили да го прикријат, иако нивните обиди само ги влошиле работите. Новинарите на местото на настанот успеале да снимат видео од пожарот, но оние кои биле фатени како фотографираат биле принудени да ги избришат снимките. За среќа, некои преживеале за да ја раскажат приказната, како што може да се види во објавата на Twitter од Леи Ксинг.

Според кинеските медиуми, концептот бил мало лично мобилно возило со прилично бизарна форма. Сликите направени пред пожарот покажуваат хартиени делови кои висат од концептот. Нема информации што го предизвикало пожарот. Имајќи предвид дека ова е дизајнерски концепт, се претпоставува дека во автомобилот немало батерии или гориво. Сликите од пожарот покажуваат силен пламен и силен чад што излегува од силуетата на автомобилот.

Од IAT Automobile велат дека пожарот не избувнал на концептот, туку на работната површина за време на изградбата на штандот. Концептот најверојатно имал свежо лепило што се користело за спојување на деловите, а се запалило од искрите од електричните алати користени за време на изградбата на штандот. Дополнителни извештаи од следниот ден, кога салонот бил отворен за посетителите, тврдат дека околу штандот имало забележливи дамки од вода, а мирисот на запалените материјали сè уште бил присутен.

IAT Automobile е OEM изведувач кој обезбедува целосни услуги за автомобилските компании, од дизајн и развој на возила до основни компоненти за автомобилската индустрија. Многу кинески компании нарачуваат IAT Automobile да ги дизајнира и развива нивните возила, а главни клиенти се големите производители на автомобили како Toyota, Honda, Geely, XPeng и NIO.