Германската полиција од пред неколку дена во служба поставила нов радарски систем кој се заснова на употреба на повеќе камери на делница долга 2,2 километарски, врз основа на чии податоци се извлекуваат податоците за просечната брзина на движење на возилата на овој пат

Системот е поставен во близина на градот Хановер, на сојузниот пат број 6, и како таков, иако не прв во Европа, сепак е првенец во Германија. Како што е наведено, системот ја одредува просечната брзина на движење на возилата на на оваа делница која дневно регистрира сообраќај од околу 15.500 возила. Пред неговото официјално пуштање во употреба, системот бил тестиран во период од четири недели, без санкции за прекршителите.

Со воведувањето на таканаречената „Контрола на одделни делници“, владата на Долна Саксонија цели кон значително помал број на прекршоци, наведува претставник на регионот, Борис Писториус.

„Ова е пристап кој ветува во однос на нашата желба да го подигнеме степенот на безбедност на нашите патишта“.

Мерењето на просечната брзина на движење на возила на подолги растојанија е значително подобро во однос на фиксните радари или камери. Дополнителна и важна предност е фактот потврден преку практиката, а тој е дека возачите нагло „налегнуваат“ на сопирачките веднаш кога ќе приметат радар, што може да ја загрози безбедноста.

Системот е штотуку пуштен во употреба, а функционира така што камера го фотографира секое возило што влегува во зоната покриена со камери. Записот се кодира поради прописите за заштита на личните податоци. Втората фотографија се создава во момент кога возилото ја напушта контролната зона, а со лесна пресметка се доаѓа до просечната брзина на движење во претходните 2,2 километри. Ако контролираниот возач возел пребрзо, во процес на изработка влегува и трета фотографија, а таа на органите на редот им го покажува лицето прекршител на сообраќајните прописи.

Во останатите земји на Европската унија, како Белгија и Холандија, овој начин на контрола на брзината на движење на возилата во употреба е веќе многу години, пред сè поради „поедноставните“ прописи за заштита на личните податоци. Првиот ваков систем пред петнаесет години е поставен во главниот град на Австрија, Виена. Со него, на пример, бројот на несреќи во тунелот Кајзермилен е намален за дури 50%.