Конкретни мерки на владата во борбата со аерозагаденоста
Зелена, жолта и црвена налепница на возилата е една од новите мерки против аерозагадувањето во Скопје која ја најави заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули
Со налепницата возилата ќе се категоризираат, а кога општините и Градот Скопје ќе утврдат надминување на прагот на загаденост ќе биде ограничено или забрането движењето во зависност од тоа на која категорија на загадувачи припаѓаат. Овие налепници ќе паднат на трошок на граѓаните, а ќе можат да се добијат веднаш по соодветна контрола и донесување на законот.
„Со предложените измени на Законот за возила Владата почнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справување со аерозагадувањето, во кое урбаниот транспорт претставува важен сегмент“, рече Макрадули.
Со еколошките налепници возилата ќе се поделат во три категории во согласност со веќе постоечките европски стандарди за емисија на издувни гасови: Еуро 1, 2, 3, 4, 5 и 6, како и од погонот на моторот на возилото, односно дали користи течен нафтен гас или компримиран земјен гас, дали е на електричен погон или е хибридно возило.
Првата категорија на возила ќе ја добијат зелената налепница, а се однесува на хибридните, електричните и возилата кои имаат стандард за емисии Еуро 5 и 6, како и Еуро 4 во кои се вградени уреди за течен нафтен и земјен гас кои ќе можат да се движат во било кое време без оглед на загадувањето. Втората категорија или жолтата налепница се однесува на возилата со Еуро 4 и 3 стандардот, како и возилата со емисија на издувни гасови Еуро 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, и тие ќе имаат ограничување за движење во сообраќајот во зоните и местата каде има аерозагадување. Црвената налепница е за третата категорија на возила со стандардот Еуро 2 и подоле за кои ќе биде целосно забрането движењето во денови со висока концентрација на загаденост на воздухот.
Покрај оваа мерка против аерозагадувањето, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули најави дека со најновите измени на Законот за возила, предвидени се и субвенции за купување електрични и хибридни возила, а според него, овие мерки ќе имаат позитивно влијание за намалување на загадувањето на воздухот и за здравјето на граѓаните.
Владата воведува начин за утврдување на субвенционирање на набавка на електрични и хибридни возила за кои ќе се добијат 3.000 евра за хибридно и 5.000 евра за електрично возило. Според Макрадули, се очекува оваа мерка во првата година да ја искористат околу 200 граѓани или компании за 200 возила. Покрај оваа мерка ќе се субвенционира и набавка на уреди за течен нафтен гас или метан до 50 проценти од трошоците за набавка на уредот, но не повеќе од 300 евра. Во првата година се очекува таа мерка да ја искористат 1.200 возила. За набавка на нови возила при замена или одјава на стари возила, согласно новите закони за колективно постапување со отпадот, и старите школки или возила ќе треба да се складираат на соодветно место, но при набавката за ново, трошоците за одложување на возилото ќе се покријат.