Се подготвуваат тектонски нарушувања во автомобилската индустрија

Производителите на автомобили се под голем притисок во последно време. Пандемијата со корона вирус, економската криза, електрификацијата, сето тоа се кошмари на лидерите на големите компании од оваа сфера. Последна во низата е војната во Украина која со себе донесе големи проблеми. Една од последиците на конфликтот во Источна Европа е порастот на цените на суровините.

 Неверојатно големо количество суровини доаѓа од Украина, но многу повеќе од Русија, која е погодена од силни санкции од речиси цела Европа и од САД, Канада, Австралија и многу други земји. Американската банка Morgan Stanley неодамна направила анализа и проценила дека доколку продолжи овој скок на цените на суровините, треба да се очекуваат огромни поскапувања на и онака скапите електрични автомобили.

Од Morgan Stanley наведуваат дека литиумот во последно време доживеа огромен скок на цената и доколку овој тренд продолжи, електричните возила ќе мора да поскапат за најмалку 25%! Со ваквото поскапување сосема е извесно дека ќе се забави процесот на електрификација, далеку побавно отколку што е во моментов.

Но, од друга страна најавуваат дека ова е само привремено поскапување на литиумот, поради војната во Украина и дека наскоро се очекува пад на цената. Ако тоа не се случи и литиумот ги задржи високите цени, конечното решение ќе бидат батерии без тој материјал, но светот за сега се уште е многу далеку од таква технологија.