Добрата работа е што продукциската верзија речиси целосно ги прифаќа линиите на атрактивниот концепт од 2019 година.

По долго чекање, познати се датумот и времето на премиерата на Alfa Romeo Tonale: вторник, 8 февруари во 15 часот по наше време. Италијанците ја промовираат целата приказна како нов почеток на брендот – „La Metamorfosi“.

Станува збор за компактен SUV, најчестата SUV класа во Европа, па Tonale ќе се соочи со силна конкуренција во премиум сегментот каде што се наоѓа, но ако толку долго чекавме, голема е веројатноста дека чекањето и се исплатело.

Alfa Romeo сега е под капата на Stellantis и до сега два пати го одложуваше лансирањето на моделот. Првиот пат беше наводно затоа што извршниот директор Жан-Филип Импарато сакал подобри перформанси од plug-in хибридниот погон, а вториот пат, недостатокот на микрочипови односно недостаток на компоненти за производство. Сега компанијата конечно е подготвена да ја претстави сериската верзија, но има и големи планови за во иднина со други нови модели.

Tonale ќе се смести под Stelvio во гамата на брендот, а протечените фотографии од камуфлираниот модел даваат пристојна идеја за тоа што да очекуваме од новиот модел.

Добрата работа е што продукциската верзија речиси целосно ги прифаќа линиите на атрактивниот концепт од 2019 година на салонот во Женева. Во однос на формата, станува збор за типичен 2-волуменски SUV модел на „високи нозе“, но помалите стилски детали се, како и обично кај Alfa, она што ја прави разликата.

Според достапните, но непотврдени информации, Tonale е долг 4.528 mm, широк 1.835 mm (без надворешни ретровизори) и висок 1.604 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2.636 mm.

Целосните детали за погонот се уште не се познати, но потврдената plug-in хибридна верзија би можела да вклучи 1.3-литарски турбо мотор со 240 КС и батерија од 11,4 kWh. Останатите мотори би можеле да бидат основен 4-цилиндерски 1.3-литарски бензинец со 130 КС, потоа 1.5-литарски благ хибриден бензинец со 160 КС, а ќе има простор и за турбо дизел со 1.6-литарски мотор со 130 КС.

Производството започнува во февруари во погоните Pomigliano d’Arco во провинцијата Кампанија, каде што некогаш се произведуваа моделите 147 и 159, а официјалната продажба започнува на 4 јули 2022 година. Преносот од презентацијата ќе може да се следи во живо на овој ЛИНК.