Германскиот производител ги објави цените на својата најлуксузна лимузина

На почетокот од овој месец, Mercedes ја претстави новата генерација на Ѕ-класата, а сега се познати и цените за германскиот пазар.

Оние кои можат да си дозволат задоволство да поседуваат ваков автомобил, ќе треба да платат најмалку 93.438 евра, што е цена за основниот модел S350d со 2.9-литарски дизел. Оваа верзија на новата S-Class има 286 КС (210 kW) и 600 Nm, а од 0 до 100 km/h забрзува за 6,4 секунди.

Доколку купувачот се одлучи за варијантата со продолжено меѓуоскино растојание, тој ќе мора да плати 96.094 евра.

Mercedes S350d 4Matic со погон на сите четири тркала во Германија ќе чини од 97.150 евра, а помоќниот S400d 4Matic веќе ја надминува сумата од сто илјади евра (103.994 евра) Mercedes S400d 4Matic располага со 330 КС (243 kW) и 700 Nm под хаубата, а до стотка стигнува за 5,4 секунди.

Следен во понудата е бензинскиот S450 4Matic кој се продава само во варијанта со продолжено меѓуоскино растојание и има почетна цена од 106.650 евра. За погонот е задолжен 3.0-литарски бензинец со 367 КС (270 kW) и 500 Nm, а од 0-100 km / h забрзува за 5,1 секунди.

Врв во понудата е S500 4Matic, исто така со 3-литарски бензинец кој произведува 435 КС (320 kW) и 520 Nm. Возилото од место до стотка забрзува за само 4,9 секунди. Оние што ќе се одлучат за оваа луксузна лимузина ќе треба да платат најмалку 115.130 евра, а доколку сакаат продолжена верзија, тоа ќе ги чини 117.786 евра.

Новата Mercedes S-Class во европските салони пристигнува во декември оваа година.