Кои се најпопуларните електрични автомобили
Во Германија, на пример, продажбата се поттикнува со субвенции, но пазарниот удел е сè уште скромен.
Како и да е, електричните автомобили стануваат сè попопуларни во светот. Кои производители имале најмногу профит од трендот наречен е-мобилност?
Во 2019 година, Tesla Model 3 бил најпопуларниот автомобил со алтернативен погон. Речиси 445.000 нови возила на Tesla го нашле својот пат до патиштата. Во САД, цената на стандардната верзија на Model 3 е 37.990 американски долари. Првиот човек на Tesla, Илон Маск, во јуни годинава истакна: „Она што мене најмногу ме мачи е што нашите автомобили ценовно не се подостапни. Тоа мора да се поправи”.
Веднаш зад Model 3 е Nissan Leaf од кој минатата година биле продадени 434.000 единици. Минатата година била многу добра за јапонскиот производител, што не е случај и оваа година бидејќи Nissan бележи загуби од скоро шест милијарди евра. За прв пат во последните единаесет години, компанијата е „во црвено“.
На третото место на најпродавани електрични возила минатата година е уште еден модел на Tesla, Model S. Дали ќе биде така и во 2020 година?
„Tesla, исто како и Porsche, профитираше од кризата. Додека сите други го намалуваат производниот капацитет, Tesla започнува огромна програма за проширување”, вели автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхафер. Tesla инвестира во нови фабрики, на пример во Бранденбург, Германија. Model Y треба да се произведува токму таму.
Зад Model S е Mitsubishi Outlander Plug-in-Hybrid. Во следните две години, Mitsubishi на клиентите сака да им понуди чистокрвен е-модел, но ќе биде достапен само на азискиот пазар. Другите светски региони треба да бидат „покриени“ од партнерите Renault и Nissan.
Првата Toyota Prius дебитираше во 1997 година во Јапонија, а од 2001 година автомобилот е достапен за клиентите на германскиот пазар. Минатата година Toyota продала околу 210.000 хибриди од серијата Prius ширум светот и е на петтото место. Сепак, овој јапонски производител не ја гледа иднината на автомобилите во електричниот погон, туку во технологијата на горивни ќелии (водород).
Во Кина, електричните автомобили од оваа марка продаваат многу добро, но практично се непознати во Европа. На глобалното рангирање на најпродаваните електрични возила, BAIC е на шестото место, а во 2019 година, BAIC EC бил најуспешниот модел на кинескиот пазар. BAIC EU исто така бележи и добри извозни резултати. Од 2025 година, оваа кинеска компанија сака да произведува исклучиво електрочни автомобили – иако 95% од продадените возила во Кина сè уште имаат класичен мотор со внатрешно согорување под хаубата.
Chevrolet Volt од General Motors е на осмото место според бројот на продадени електрични автомобили минатата година. Возилото, чија премиера беше во 2007 година, беше брз одговор на електро-пионерот Tesla, кој го претстави својот родстер една година порано. Chevrolet Volt на пазарот пристигна во 2010 година. Во меѓувреме, производството беше прекинато. Но, GM има големи планови: до 2023 година сака да понуди најмалку 20 нови електро-модели.
Renault Zoe е многу популарен во Европа. Во првите два квартали од оваа година, овој модел е најпродаваниот е-автомобил на Стариот континент. На глобалниот пазар, овој модел минатата година бил деветто најпопуларно електрично возило. Renault се почесто го избираат и Германците кои се одлучуваат за електрични алтернативи.
Дури на десеттото место на листата на најпродавани електрични автомобили во светот се наоѓа германски модел. I3 на BMW. На баварскиот производител долго време му се префрлуваше за „преспивање“ на е-трендот. Тоа би требало да се промени. До крајот на следната година, BMW има намера да лансира пет нови модели со исклучиво електричен погон.
Многумина сакаат електричен автомобил, но малкумина можат да си го дозволат тоа – иако германската влада, на пример, воведе субвенции од 6.000 евра за електрични автомобили.
Државните субвенции за купувачите на електрични автомобили ќе имаат краткорочен ефект во најдобар случај, но тоа не е ефикасна мерка за заштита на климата, смета експертот Ролф Венкел. Кој ќе купи електричен автомобил, добива пари од државата. Тоа правило беше воведено во Германија пред една година. Но, тоа не го донесе посакуваниот резултат? Зошто тоа функционира во Норвешка или Кина, а не во Германија?
Во малата општина Грунхајд близу Берлин, Илон Маск има намера да произведува електрични автомобили на Tesla. За сега, има само една јавна станица за полнење на е-автомобили во таа општина и неколку луѓе кои се воодушевени од идејата.
Автор: SEEbiz / Deutsche Welle