Кои модели влегоа во финалниот дел од Изборот за Европски автомобил на годината?
Листата на кандидати за „Европски автомобил на годината за 2019“ е скратена на седум имиња
Изборот за најдобар автомобил на годината на Стариот континент (European Car of the Year) влегува во нова фаза, каде што се наоѓаат само седум од првичните 38 кандидати за престижната титула.
Тоа се: Alpine A110, Citroen C5 Aircross, Ford Focus, Jaguar I-Pace, Kia Ceed, Mercedes A klase и Peugeot 508.
На прв поглед, евидентно е дека листата на финалисти е многу разновидна, но исто така и дека половина од моделите се од француски производители (Alpine A110, Citroen C5 Aircross и Peugeot 508). Тука е и еден целосно електричен автомобил – Jaguar I-Pace, потоа чистокрвниот „спортист“ A110, како и SUV моделот C5 Aircross. Од еден од најпопуларните автомобилски сегменти во Европа – компактната хеџбек класа, доаѓаат Ford Focus и Kia Ceed, а имаме и претставник од премиум сегментот – Mercedes A-Class. Листата ја заклучува новиот Peugeot 508 како единствен модел меѓу финалистите со лимузинска каросерија.
Во конкуренција за престижната титула се сите кои се појавиле во најмалку 5 земји од европскиот пазар од почетокот на 2018 година, а победникот ќе биде избран од меѓународно жири составено од 60 автомобилски новинари од 23 европски земји.
Овој традиционален избор се одржува од 1964 година, а минатата година титулата ја понесе Volvo XC40.
Новиот титулар ќе биде познат на 4 март 2019 година, односно пред почетокот на Салонот за автомобили во Женева.