Судејќи според проценките на инвестициската банка JP Morgan, цените на новите и на половни автомобили годинава би требало да бидат нешто пониски

Имено, се очекува дека глобалните проблеми во понудата на полупроводници ќе бидат помали, а инфлацијата ќе забави, а тоа би требало да влијае и на поповолни цени на возилата.

За нов автомобил ќе бидат потребни два до пет отсто помалку пари, додека користените возила би требало да бидат поевтини за 10 до 20 отсто, пренесува Yahoo Finance.

Од JP Morgan потсетуваат дека цените во 2022 година се зголемија за 6,3 отсто, што доведе до поголема побарувачка за половни автомобили, а врвот во порастот на цените беше забележан во септември минатата година (дури 42 отсто).

Со оглед на овие прогнози, неизвесноста се уште е присутна. Економистите не се оптимисти за брзиот пад на инфлацијата, а приходите од производството на чипови се зголемиле за нешто повеќе од еден процент минатата година, што укажува на тоа дека потрошувачите се претпазливи или дека нивната куповна моќ опаѓа.

Кога е идеално време за купување автомобил?

Има одредени периоди кога е добро да се купи автомобил, особено понов модел, бидејќи секој попуст е добредојден.

Според US News & World Report, мај е идеален за купување автомобили, бидејќи зимските и пролетните саеми за автомобили се завршени и новите возила кои претходно биле изложени на нив пристигнуваат во салоните на дилерите. Тогаш трговците на мало треба да се ослободат од „старите“ залихи и да понудат длабоки попусти на заинтересираните клиенти на кои можеби нема да им пречи минатогодишниот модел.

Крајот на годината, од октомври до декември, исто така може да биде добро време за купување автомобил. Октомври е време кога новите модели на возила влегуваат во продажните салони и продавачите сакаат да ги „исчистат“ постоечките залихи, додека ноември на западниот пазар се поврзува со Black Friday понудите, вклучувајќи ги и автомобилите. Дополнително, декември е време кога продавачите се обидуваат да ги исполнат продажните цели на крајот на годината и можеби се поподготвени да понудат поповолни услови за да го исполнат нивниот репер.

Индексот на обемот на продажбата на половни автомобили во 2022 расте од месес во месец, освен во Италија и Велика Британија, пишува Autovista24 и додаваат дека цените на половните автомобили и понатаму го надминуваат просекот.

Регистрациите на нови автомобили во Европа во ноември 2022 забележаа четврти месец по ред на годишно ниво. Зголемувањето од 17,4 отсто го надмина растот од 14,1 отсто забележан во октомври, дури и на повисока споредбена основа. Овие бројки го потврдуваат тековното закрепнување на понудата на нови автомобили, што е ограничено поради недостатокот на чипови, како и дополнителните предизвици од војната во Украина и Ковид-19 во Кина.

Сепак, Autovista24 верува дека кризата во производството на полупроводници нема да заврши во текот на оваа година и дека нема да има големи испораки на автомобили во Европа.