
Кинезите му даваат нова шанса на Smart
Daimler одлучи да продаде 50% од сопственички права на кинескиот Geely, по што заеднички го преместуваат производството во Кина и ќе произведуваат исклучиво електрични автомобили
Долги години Smart работеше со загуби. Минатата година Daimler ja одби понудaта на Кинезите да го преземат брендот, за сега Германците да имаат помал отпор и се здружат со Geely.
Smart до 2022 година ќе „премине“ во Кина, а германската марка заедно со своите нови партнери ќе отвори фабрика за монтажа на електрични возила. Странските аналитичари истакнуваат дека ова е всушност последна шанса за „паметниот“ бренд, бидејќи Daimler за да го спаси се обиде сѐ што можеше досега.
Уште од самиот почеток дефиницијата на Smart и неговата улога со германскиот гигант беше прилично тешка. Марката е создадена во 1998 година, а тогаш плановите беа овој бренд да нуди модели во сегментот А, односно мали градски автомобили, но со премиум ознака. Но како и доста често во животот, сметката дома и сметката на пазар не се исти. Smart никогаш не ја достигна зацртаната продажба – 200.000 примероци годишно. Всушност, никогаш не бил ни близу до таа бројка.
Еден од проблемите е цената. Моделите на овој производител отсекогаш биле на полошата страна од односот платено-добиено, бидејќи автомобилот секогаш чинеше многу, а купувачите добиваа малку. Растечката урбанизација бара автомобили со помали димензии, но Smart никогаш не ги придоби младите клиенти, кои претпочитаа некои од неговите конкуренти. На пример Fiat 500 и Panda, кои нудат многу повеќе простор, удобност и практичност од малиот Smart.
Германската марка не успеа да воспостави посериозна продажба ниту во САД, додека во Кина ситуацијата е нешто подобра. Од другата страна на Атлантикот минатата година биле продадени вкупно 1.276 примероци, што секако е брутално лош резултат. На глобално ниво, во 2018 година, бренд продал 128.802 автомобили, што е пад од 4.6% и далеку од проектираната продажба од 200.000 примероци за една година.
Ли Шуфу, сопственикот на Geely, објави дека кинеската страна е многу задоволна од новото партнерство со Daimler.
„Smart е пионер на новата урбана мобилност. Ова е бренд со јасен идентитет и голема комерцијална вредност“, изјаво Шуфу.
Geely полека, но сигурно, станува се поважен играч на европскиот пазар на автомобили. Кинезите се докажаа како компанија која внимателно го слуша локалниот пазар, од што сигурно ќе има корист и Smart. Geely целосно го ревитализираше Volvo, ја презеде контролата над Lotus, а во меѓувреме пласираше и нови брендови како Polestar и Lynk & Co.