Кибернетичкиот простор стана ново боиште / ВИДЕО
Претседателот на Microsoft, Бред Смит, смета дека 2017 била година за отрезнување и сфаќање дека кибернетичкото војување е она од што треба да се плашиме од иднината
Кибернетичкиот простор стана ново боиште, смета Смит.
Тој потсетува дека меѓудржавната шпионажа не е ништо необично и се случува со векови. Проблемот е во тоа што во последно време се почесто е случај алатките кои се користат за шпионирање на други земји да се користи за да се шпионираат и напаѓаат сопствените граѓани.
Најдобар пример за тоа, кој го посочува Смит, е минатогодишниот масовен кибернетички напад кој го предизвика Ransomware Wannacry.
Тоа беше најголемиот таков напад во историјата. Опфати компјутери и корисници во 155 земји. Никогаш порано не сме виделе еден напад да влијае на толку многу различни места во исто време, вели Смит, и додава дека 2017 била година за отрезнување. Токму затоа, смета Смит, 2018 треба да биде година во која светот ќе треба да осмисли како да се бори против такви кибернетички напади.
Проблемот е, смета Смит, тоа што луѓето ретко ги користат таквите ситуации за да преземат драстични потези. Според него, Владите се оние кои треба да бидат лидери во преземањето на тие драстични потези, но, истото тоа треба да го направат и технолошките компании.
Технолошката индустрија мора да ги заштити луѓето. Ние мораме да работиме заедно, како индустрија, но исто така и да соработуваме со надлежните власти за да можеме да дизајнираме одбрана што ќе ги заштити луѓето од целиот свет, вели Смит.
Воедно појаснува дека тоа ќе значи некои културолошки промени во технолошката индустрија.
Технолошките компании полека сфаќаат дека платформите кои ги осмислиле станаа медиум за ширење на таквото кибернетско оружје. Но, не очекувајте универзално решение. Кога нешто е така комплексно како софтверот, со милиони линии на код, се разбира, ќе има проблеми, заклучува Смит и додава: Не постои универзално решение.