Kia Stinger со неизвесна иднина?!
Што ќе се случи со моделот Stinger?!
Според последните информации, Kia воопшто не е задоволна од продажните резултати на Stinger. Еден од директорите на одделот за дизајн во Kia Motors со седиште во Германија, Грегори Гијом, истакнува дека првите луѓе на компанијата не можат да бидат задоволни од продажбата.
„Не очекувавме огромен број, бидејќи ова е автомобил што се пробива во конкурентниот сегмент. Но, се надевавме на подобар успех, барем во Америка“, вели Гијом.
Сепак, Гијом истакнува дека Kia мора да биде трпелива со Stinger.
„Луѓето не се навикнати да гледаат перформантен седан со значката на Kia. Тука е проблемот“.
Првиот човек на марката од Јужна Кореја додава дека во овој момент не може да се каже каква е иднината за Stinger. Тој вели дека во тек е електрификација, па затоа е можно Stinger да преживее во некоја друга форма, но поради лошата продажба е можно и да нема да има втора генерација од овој модел.
Челниците на Kia верувале во продажен успех во САД, но овогодинешните бројки зборуваат за лоша продажба. Заклучно со август, во Америка биле продадени 9.435 примероци од моделот. Ова е полош резултат од лани кога за истиот период биле испорачани 11.624 возила.